Ново рочиште за прислушувањето, откако судењето почна од почеток

Поради спојувањето на претходно одвоените предмети, судењето почна од почеток, па на претходното рочиште повторно воведни зборови дадоа обвинителите и обвинетите, кои пак се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

170

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново судско рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, за незаконското следење на комуникациите.

Судијката Џенета Бегтовиќ ги спои предметите на Горан Грујевски, Никола Бошковски и Гордана Јанкулоска, кои претходно беа раздвоени од предметот „Таргет Тврдина“ и донесе решенија да им се суди во отсуство на Грујевски и Бошковски, откако Врховниот суд во Атина го одби барањето на македонското Министерство за правда тие да се екстрадираат од Грција. Поради спојувањето на претходно одвоените предмети, судењето почна од почеток, па на претходното рочиште повторно воведни зборови дадоа обвинителите и обвинетите, кои пак се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

На ова решение адвокатот Петар Василевски посочи дека ќе поднесе жалба.

Во „Таргет-Тврдина“ обвинети се и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

На денешното рочиште треба да сведочи Ѓорѓи Лазаревски кој заедно со Звонко Костовски ги предаде незаконските прислушувања во УБК.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...