Бигорската свештена обител на дар доби две уметнички слики, приказ на бигорското ќелијно училиште од почетокот на XIX век и портрет на многу значајниот дебарски владика Козма Пречистански (1836 – 1916), роден во с. Орланци, Кичевско.
Уметничките слики се дар од семејството Јотови од градот Плевен, Република Бугарија, а за Бигорскиот манастир се од посебно значење.
-Знаејќи ја желбата на нашиот старец, Архимандрит Партениј, да има претстава во Манастирот за ќелијното училиште, Иван Јотов го ангажира познатиот уметник и портретист, Васил Горанов, да изработи еден таков стилизиран приказ. Бигорското ќелијно училиште било првото училиште во западните краишта на Македонија и неговото најрано споменување во историските извори е од времето на знаменитиот игумен Арсениј, во почетокот на XIX век- велат од Бигорскиот манастир.
Според нив, се претпоставува дека тоа функционирало и претходно, но Архимандрит Арсениј се погрижил да го збогати со потребна литература.
-Токму затоа, на сликата е претставен тој како им чита од книга на мали дечиња, облечени во традиционални мијачки детски носии. Како мотив за училница е исползувана гостоприемната одаја. Портретот, пак, на Козма Пречистански е насликан според една стара фотографија од него, од времето кога тој бил игумен на Манастирот Пречиста Кичевска, посочуваат од Бигорскиот манастир.
Семејството Јотови и авторот на сликите Васил Горанов беа пречекани од отец Партениј и братството, кои им се заблагодаријата за дарот и искажаната љубов.