Ако брзо не се донесат визни олеснувања за жителите на Кина и земјите од Блискиот Исток, Македонија ќе биде заобиколена како туристичка дестинација и ќе ја изгуби можноста тројно да го зголеми приходот од туризам, е ставот на Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора.
Според ова Здружение, земјите од регионот пред неколку години вовеле визни олеснувања и двојно го зголемиле бројот на туристи од овие земји.
– Вакви олеснувања воведоа: Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина со цел да привлечат што поголем број туристи од Кина, Кувајт, Катар и Саудиска Арабија. Податоците говорат дека само Србија за една година тројно го зголеми бројот на туристи од овие земји, а покрај визното олеснување воведе и авионска линија за Кина – појасни Даниела Михајловска-Василевска од Комората.
Кај нас, вели таа, сѐ уште сме на ниво на барање за средба со министерствата за внатрешни и надворешни работи.
– До сега имавме две барања за средба на која би се разгледале можностите за визни олеснувања. Денеска ќе го доставиме третото. Од министерствата ни дадоа само усна поддршка и објаснување дека мора да се почитуваат процедурите кои траат најмалку две години. Тоа е долг период, затоа бараме да се изнајдат побрзи решенија – вели Михајловска- Василевска.
Славе Сирачески, потпретседател на Здружението вели дека Балканот е регион за кој кинеските туристи многу се интересираат во последните години и затоа не треба да се пропушти шансата да има се овозможи полесно да престојуваат во земјава.
– Затоа треба да се размислува како да им се овозможи на овие туристи да не ја одбегнуваат земјава поради тешкото добивање на визи. Има различни можности за олеснување. Едно е тие да можат да добијат виза со слегување од авион во една од земјите од регионот. Оставаме изборот на олеснување да го направат институциите, но тоа да биде што побрзо – вели Сирачески.
Според него, Македонија од светскиот колач на приходи од туризмот од 330 милијарди долари добива само 0,1 отсто.
– Со оглед дека Кина е најголем извозник на туристи, добро е да ги подобриме условите за нивна одлука во што поголем број да дојдат во Македонија – вели тој.
Во вкупниот број туристи кои ја посетиле земјава кинеските го заземаат 14 место.
Податоците, пак, за периодот јануари-август годинава се дека бројот на туристи се зголемил за 15 отсто, додека, пак, ноќевањата се зголемени за 16 отсто. Зголемен е и приходот од туризмот за 21 отсто.