Акредитацијата на здравствените установи е само една од алатките за квалитет, но, ако сакаме да одиме чекор понатаму кон ефикасност блиска до светските стандарди потребно е истовремена примена на повеќе инструменти од кои на преден план се протоколите и клиничките патеки. Напредокот е евидентен особено кај установи кои веќе бележат втор циклус на акредитација и каде интервалот на акредитираност е зголемен од една на три години, како што е случај со клиниките за детски болести, за ендокринологија или Институтот за респираторни заболувања во Козле – вели директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во Република Македонија, Анте Попоски, во интервју за МИА.
Унапредувањето на квалитетот на здравствената заштита, како и квалитетот на работата на здравствените установи е од суштинско значење за пациентите и здравствените работници. Какви резултати донесе досегашното спроведување на процесот на акредитација на здравствените установи во Република Македонија?
-Процесот на акредитација, како дел од имплементација на квалитетот во здравствениот сектор, е релативно ново поле и дисциплина во зачеток во Република Македонија. Агенцијата постои околу четири години, првата имплементација започнува пред две и пол години и засега се уште немаме ниту доволна дистанца, ниту волумен за директно да ги проценуваме ефектите. Сепак нашите впечатоци за организацискиот тонус и процесниот ригор во веќе акредитираните болници се многу поволни и засновани на конкретни забелешки овозможени низ процесот на мониторирање на овие установи. Напредокот е евидентен, посебно кај установи кои веќе бележат втор циклус на акредитација и каде интервалот на акредитираност е зголемен од една на три години, како што е случај со Клиниката за детски болести, Клиниката за ендокринологија или Институтот за респираторни заболувања во Козле.
Во светски рамки нема дилеми околу имплементацијата на системите за квалитет во здравството и тие се на исто рамниште со стручното знаење како предуслов за обезбедување на посакувани исходи и резултати и во превенцијата и во третманот. Ова поле е многу интезивно во однос на темпото со кое се усовршуваат системите за квалитет и ние немаме друга опција освен да ги следиме светските трендови.
Какви стандарди треба да исполни една здравствена установа за да се стекне со сертификат за акредитација?
-Стандардите за акредитација се национални стандарди и се обврзувачки, согласно позитивните законски прописи. Досега се усвоени стандардите за акредитација на болничките установи и согласно тоа постапуваме и пристапуваме кон болничките установи единствено во врска со овој сет на стандарди. Во текот на 2019 година со донесувањето на стандардите за ординации ќе се отвори поглавјето за квалитет во примарната здравствена заштита. Овој чекор ќе ги следи промените кои претстојат во моделот на примарна здравствена заштита во Рeпублика Македонија.
Инаку, документот на стандардите е поделен во неколку тематски поглавја кои ја регулираат и објаснуваат, на пример, проблематиката на управувањето со информации, пациентската безбедност или специфичните клинички услуги, а самите стандарди се обезбедени преку дефинирани критериуми. Дополнително, на критериумите врзуваме докази кои пак го презентираат нивото на реализација на критериумите, односно посредно на стандардите. Агенцијата освен по националните стандарди препознава ниво на акредитираност и според признаени интернационални стандарди. Досега, имаме два случаи на приватни здравствени болници акредитирани според меѓународните JCI стандарди.
Колку здравствени установи во Република Македонија досега се здобиле со сертификат за акредитација?
-Сертификатот за акредитација досега е доделен на девет болнички установи од кои една е од приватниот здравствен сектор, а останатите се дел од јавното здравство. Се работи за пет универзитетски клиники, две општи болници, еден завод и еден институт. Последниот акредитациски циклус беше спроведен во август годинава, би рекол многу успешно, во Институтот за респираторни заболувања кај децата во Козле. Како што спомнав, направивме верификација и препознавање на меѓународна акредитација и на две приватни болници. Од друга страна, со голем број, некаде дваесетина установи, сме во активна фаза на подготовка, но за волја на вистината има и болници каде има само формално поднесена апликација, без тоа да е следено од адекватни внатрешни активниости.
Оваа прилика ќе ја искористам да потсетам дека обврска е на сите болнички институции и од јавното и од приватното здравство да располагаат со активна апликација. Тоа значи формален поднесок пред Агенцијата за акредитација, оформен болнички комитет за квалитет и активности кои одговараат на некоја од фазите на акредитацискиот циклус. Агенцијата тековно прави приоритизација кои установи се од посебно значење и на тој начин ги распоредува своите ресурси и еден дел од болниците ќе бидат иницирани и од наша страна за постигнување повисоко ниво на активност во имплементација на системите на квалитет во работењето.
Зајакнувањето на капацитетите на здравствените установи и здравствените специјалности се дел од целите на проектот кој Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во Република Македонија го спроведува во партнерство со Фондот за население на ОН – УНФПА. Што опфаќа проектот?
-Проектот кој го потпишаа УНФПА, Министерството за здравство и Агенцијата за квалитет и акредитација ја таргетира ситуацијата со зголемената стапка на неонатална смртност која во изминативе години, од 2010 наваму, бележеше пораст. Проектот има мултидисциплинарен карактер и опфаќа стручно медицински чекори, организациски подобрувања, воведувања на нови пракси и ревизија на постоечките – целта е краткорочно да се стабилизира стапката, а на среден рок да се придружиме на земјите кои се во рамки на Европскиот просек. За нас како агенција, проектот значи забрзано донесување на стандардите за породилишта и прва фаза на разработка на стандарди за ординации и гинеколошки ординации, заклучно месец јануари 2019. Се надеваме и веќе го планираме продолжување на проектот и во текот на целата 2019-та, што ќе ја опфати имплементацијата на стандардите и мониторингот. Сакам да потенцирам дека УНФПА е значаен партнер во реализацијата на нашите цели и оваа соработка значи дополнителна гаранција за нивно остварување. Техничката и експертската поддршка која е обезбедена дополнително го забрзаа текот на случувањата вкупно на полето на мајчиното и неонаталното здравје во земјава.
Во рамки на проектот, што се треба да се направи во насока на намалување на новороденечката и мајчината смртност?
-Проектот од аспект на работата на Агенцијата подразбира повеќе фази. Започнавме со состојбата во родилиштата и анализа на потребите, капацитетите и нивото на усогласеност и стандардизација. Со воведување на акредитациските стандарди очекуваме тоа ниво да се подобри, но потребно е да го изодиме процесот – од донесување на стандардите за породилишта се до нивна имплементација. Се оформија работните групи кои работат на содржината на стандардите, целокупната стручна јавност која гравитира околу породилиштата е иницирана и информирана за потребата од аплицирање на стандарди, а во моментов претстои тест фаза која опфаќа две големи здравствени установи – Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Клиничката болница во Тетово. По завршувањето на пилот-фазата во јануари ќе се оформи конечната верзија на стандардите. Тука ќе вклучиме експерти-консултанти од Европскиот борд и колеџ за гинекологија и акушерство кои, исто така, се обезбедени со посредување на канцеларијата на УНФПА. По усвојувањето од Владата, претстои темелна имплементација во сите 21 породилишта кои функционираат во здравствениот систем.
Кога здравствените услуги кои ги нудат здравствените установи во Република Македонија ќе ги достигнат светските стандарди?
-Прашањето е на место, иако одговорот зависи од многу чинители и реализација на бројни предуслови. Ако разговараме од агол на примена на системите за квалитет во здравствениот сектор одговорт би бил следниот: Акредитацијата е само една од алатките за квалитет, но самостојно применета не и доволна за достигнување на светските стандарди. Таа ќе влијае на подобрување на резултатите од работењето, на управувањето со установите, задоволството на пациентот, безбедноста на пациентите и на здравствените работници. Но, ако сакаме да одиме чекор понатаму кон ефикасност блиска до светските стандарди потребно е истовремена примена на повеќе инструменти од кои на преден план се протоколите и клиничките патеки. Пред неколку години имаше еден обид за обезбедување на овие документи од страна на здравствените институции кој се покажа неуспешен во локалната адаптација и кој од таа причина не заживеа целосно. Агенцијата имајќи ја предвид оваа ситуација во скоро време, до истекот на првото тромесечие на 2019, ќе обезбеди методологија за изработка на клиничките патеки која ке биде достапна на сите здравствени институции.