Помирување нема. Тој збор во Македонија како да не постои. Нема лева, нема десна рака да се ракуваат, да си простат. Се исушиле. Никој рака не подаде. Таква ни е судбината! Такво нешто ни имало ниту некогаш, се чини, ќе има кај нас. Едните кои кренаа голема „врева“, кавгаџиите, се помирија. Разбраа дека на Македонија подобро ќе ѝ биде во Европа. Или само така се чинеше дека разбраа.
Веднаш по нив на сцена дојдоа другите, нивните браќа по нечија наредба, исти по „табиет“ по инает, по завист. ВМРО-ДПМНЕ се „испука“. Ги смени оние што не „слушаа“. Мицкоски „привидно“ се смири но, брзо, повторно почна да не мирува. Не можеше да се помири. Не успеа да добие амнестиите за Груевски и тајфата околу него, да не одат во затвор, и да бидат ослободени од секакова вина сите оние, кои на 27 април, насилно влегоа во законодавниот дом. Нема помирување. Ги разниша односите во Партијата.
На помош го викна Бачев. Тој ни две ни три, со та дури осумдесеттина групи и партиички од „домашно“ и „странско“ производство, потпишаа договор дека нема да мируваат и дека никогаш нема да дозволат да се промени името, да се прифати Преспанскиот договор и Македонија никогаш нема да влезе во НАТО и во ЕУ. Рекоа ќе оделе кај секој пратеник и ќе го „убедуваат“ да не гласа за амандманите кои треба да се променат во Уставот. Со негови истомисленици и со повеќе „групи“ од дијаспората, кои патем да речеме некои одамна си го смениле сопственото име, а бараат името на Македонија да не се менува, и се во земји членки на НАТО, потпишаа договор. Рекоа дека ништо не признаваат што направија Заев и Владата. Дека ќе организирале митинзи, протести. Ќе го убедувале народот македонски дека местото на Македонија не е во НАТО и во ЕУ. А каде е?! Тоа не го кажуваат. Таа девиза господинот Бачев ја „бае“ многу одамна. Скришум на Бачев голема помош му дава и господинот Мицкоски и тајфата околу него. Најави повторни немири и несогласувања во Парламентот. Дали членовите и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ „ќе послушаат“ или ќе побараат раководството да им поднесе сметка зашто, како што велат многумина од нив, не се работи ниту за Заев, ниту за Иванов, ниту за Мицкоски туку дека се работи за Македонија. Ќе тргнат ли по патот на Бачев или ќе побараат „рачун“ и од Мицкоски и од Бачев?!
И така кај нас во оваа мила Македонија пак иста работа. Македонска работа! Да, македонска работа. Раздели па владај! Не, не. Ова навистина не го заслужува ниту Македонија ниту македонскиот народ! Доста е бре карање. Зар нема збор за разбирање? Зар нема збор и ден за простување? Зар Заев и Мицкоски и Бачев и сите други не можат да разберат дека Македонија на сите нас ни е поважна од сите нив! Ако сакаат да се караат нека ја остават настрана Македонија па нека се караат колку што сакаат! Зар навистина оваа наша Македонија нема човек, еден голем човек кој ќе рече доста е! Човек кој ќе „чукне“ на масата и кој, ако треба и со сила, ќе им ги фати рацете и на левите и на десните за да си простат. Да ја закопаат омразата, инаетот и да направат Македонија да биде Држава за сите?!