Нови „бомби“ за изборите ќе се слушаат во Кривичен

473

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случаите „Тревник“, „Титаник“ и „Насилство во општина Центар“ на Специјалното јавно обвинителство. Меѓутоа, две од нив се закажани во ист термин, а дел од обвинетите се исти и во двата предмети, па извесно е дека едно од рочиштата ќе се одложат.

Во „Титаник“ за злосторничко здружување и изборни нерегуларности обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски и екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и на минатото рочиште беа преслушани околу 90-тина аудио снимки предложени од Обвинителството. За случајот „Титаник“ СЈО има предложено над илјада бомби, а на досегашните рочишта преслушани се нешто повеќе од 700 разговори.

Поранешниот премиер Никола Груевски, како и Миле Јанакиески, на обвинителна клупа денеска во исто време, треба да седнат и за случајот „Насилства во општина Ценатар“. Но, ова судење најверојатно ќе се одложи. За насилствата пред општинската зграда во општина Центар на 10 јуни 2013 година, обвинети се повеќе лица, меѓу кои и актуелната пратеничка во Собранието Даниела Рангелова и тогашниот советник во општина Гази Баба Александар Трајковски.

На минатото рочиште за „Насилство во Центар“ исказ пред судот даде поранешниот директор на ПОЦ и актуелен градоначалник на општина Центар Саша Богдановиќ.

Во случајот „Тревник“ обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...