За одземање на мандатот ќе расправа Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која, според веб страницата на Собранието, седницата ја има закажано за утре во 12 часот со единствена точка на дневниот ред – Предлог за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски врз основа на добиено известување од Основниот суд Скопје 1 Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција за пресуда КОК бр.59/17 од 23.05.2018 година со која пратеникот е осуден на казна затвор во траење од две години.
Членовите на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во петокот се изјаснија дека нема да гласаат за одземање на мандатот на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на двегодишната затворска казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.
Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI