Претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски, реагира на изјава на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, која се однесува на наводна поврзаност на премиерот Заев со руски бизнисмен кој оперира во Грција. Во тој контекст Стоилковски спомнува „висок функционер на ЛДП” и остро ја напаѓа партијата.
Во целина ја објавуваме реакцијата на Милевски:
„Господине Стоилковски, некој вас, за жал, ве поставил да бидете портпарол на најголемата опозициска партија.
Вие, како експонент на времето на криминалот и корупцијата, на лагите и манипулациите, продолжувате да ја туркате вашата партија кон лажните вредности, кон омразата и омаловажувањето на сите оние што не мислат како вас.
И за тоа не ве сожалувам вас, ја сожалувам вашата партија. Вашите зборови говорат за вашиот карактер.
Ако мислите да не навредувате со тоа што ЛДП ја нарекувате нечиј привезок, да знаете сте на погрешен пат. ЛДП може да биде единствено привезок на македонскиот народ, на борбата против диктатурата и режимот, на европската перспектива на Македонија, на чесното и одговорно работење.
Очигледно ова за вас се нејасни работи, бидејќи вашата мантра неможе да ги разбере. Вие продолжете и понатаму да не навредувате, ние ќе продолжиме да работиме за добробит на сите граѓани. Зашто, приватните фирми во ова ново време работат подобро од порано, е само потврда дека во Македонија бизнис климата е подобрена.
Повеќе не се бараат провизии, проценти да добивате дозволи за работа. Повеќе не се одземаат успешните фирми. Не се рекетираат преку инспекциските служби.
Се додека е тоа така, Владата ќе ја има поддршката од ЛДП.
Јас како претседател на ЛДП можам само да се гордеам со кадрите на партијата, кои се успешни и во приватниот сектор и во државната администрација, работејќи посветено и чесно. Продолжуваме и понатаму уште порешително да работиме, ширејќи ги либералните вредности во Македонија”.