Како втора целна точка во рамки на оваа програма беше врвот Бејаз Тепе, кој се наоѓа на 1348 метри надморска висина на планината Средна. Единствениот лиценциран планинарски водич за Југоисточна Македонија, Љупчо Чучуковски, кој воедно е и претседател на планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево, истакна дека планинарскиот марш бил со вкупна должина од 15 километри.
-Денешниот планинарски марш кој е дел од програмата „12 Врвови” започна во село Нов Истевник. Маршрутата продолжи низ густи борови предели продолжи се до локалитетот ,,Кукуље” кој е геолошка природна реткост на земјени и песокливи кукли. Потоа следеше искачување до врвот Бејаз Тепе висок 1348 метри надморска височина на планината Средна, во областа Пијанец меѓу Делчево и Пехчево. Крајна дестинација ни беше историското село Разловци, каде имавме заеднички ручек и дружење помеѓу планинарите – рече Чучуковски.
Членовите на ДПС „Трансверзалец” заедно со претседателот на ПСД „Голак” пред две недели ја мапираа и обележаа патеката со што движењето на учесниците на денешниот планинарски марш до Бејаз Тепе беше во целост олеснето.
Претходно, во рамки на првата маршрута од програмата „12 Врвови” планинарите се искачија на врвот Голема Враца висок 2582 метри, кој се наоѓа на јужниот дел од Шар Планина.