Добар повод да се навратам, ни оддалеку исцрпно и во систематска форма, на општо познатата реторика на груевизмот, сè уште жилава и жива е поканата до новинарот Бранко Тричковски да се јави, “во својство на осомничен“ на 21. 11. 2018. во Јавното обвинителство. Најверојатно, за „дела“ поврзани со неговата јавна дејност како новинар која, веднаш треба да се каже, и самата негува еден особен вид реторика.
На свој начин реториката на Б. Тричковски е поврзана со онаа на груевизмот, иако како нејзин маркантен антипод. Духот на таа реторика не може добро да се разбере без некој, макар и бегол увид во реториката на груевизмот која, во тек на повеќе од деценија, имаше силна медиумска поддршка. На тој начин, таа се инсталира во јавниот говор кој се бранеше како што знае и умее. А тој начин беше: каустичната, корозивна иронија, шегата, подбивањето, исмејувањето и мајтапењето или, кажано со еден збор, карневализацијата (Бахтин) кои, ако не ме лаже сеќавањето, некаде кон 2006 г. станаа главни состојки (и) на стилот на Тричковски.
Омилен, клучен и култен збор во реториката на груевизмот, еден вид амблем, етикета и ритуал беше зборот – „посветеност“. Во својството премиер на влада тој беше монашки „посветен“ на своите “роуд-шоа“ на сите чертири страни од светот кои ги фрлија во дебела сенка огромниот број “економски промотори“ со огромни плати, задолжени да навртат реки инвестиции од кои не бидна ништо затоа што “капиталот е најплашливата ѕверка“ (Достоевски) која постои во овој свет.
Неговиот прв министер за финансии Трајко Славевски беше, по истиот начин, “посветен“ на економскта филозофија “рамен данок“ кој не само што не успеа да го смали длабокиот јаз меѓу армијата сиромашни и малубројната богата елита туку и го продлабочи. Неговиот наследник, кум на премиерот, беше не помалку монашки посветен на „Скопје 2014“ кој направи „гробишта“ (В. Ерофеев) од скопскиот плоштад. Иако, во своите интимни исповеди кај тогаш првата полицајка Г. Јанкуловска, имаше не само остри критички забелешки, туку и силни изливи на бес: “немаме пари за леб, купуваме чоколада“; “ми иде да му ја скршам мобилката од глава“.
Од своја страна, Г. Јанкуловска беше “посветена“ на “човечиња“ од Пустец во Албанија кои беа доведувани со фалсификувани лични карти да глааат во Скопје; на камиони со песок кој требало да се истураат на аеродромска писта за да се спречат Албанци од дијаспората да гласаат во Кичево; на тактики кои избегнуваат да им се покажуваат “мускули“ на “Шиптарите“ (совет до М. Протугер); на други како треба да се “работат комуњарите“ кои се занесувале со некои митинзи итн. итн.
Иако зборот “посветеност“ има централно место во реториката на груевизмот, брзо падна во сенка благодарение на некои профанизми кои, нема да се претера ако се каже, станаа омилени во простиот говор на простилот свет, оној што се бранеше од светиот и посветен груевизам и кој на тивок начин го поткопуваше. Кои се тие “профанизми¬?“ При овој повод ќе укажам на два кои ги ланисира никој друг туку светиот и посветен експремиер Груевски: едниот е „аутизам“, замена за зборот „алтрузам“, а другиот е “хипокрит“ (лицемер), замена за Хипократ, татко на медицината. Тие два профанизма секавично покажаа дека светиот и посветен Груевски ни оддалеку не бил толку свет и посветен. Напротив и тој бил еден од оние прости, неупатени и неуку луѓе (sancta simplicitiаs) кои ги има многу меѓу обичниот свет. Накусо, еден од нив, еден “како нив.“ Иако се издигнал до небески височини на власта од кои боли глава.
Кога веќе го спомнав зборот “профанизам“ има место да се потсети дека тој има директна врска со новинарскиот, “профан“ стил на Бранко Тричковски кој доби многу на интензитет во неговите колумни за “Глобус“, особено кога на видно, централно место на скопскиот плоштад се издигна огромниот споменик на Александар Македонски. Тој “профан“ стил брзо почна да дејствува како серум против авторатираниот свет и посветен отров од реториката на груевизмот со силна медиумска логистика.
Зборот влече корен од латинизмот pro fano (надвор од храмот) или – надвор од тоа што е “свето“ и “посветено“, sacer,-a,-um. Тоа треба да каже дека тие два збора образуваат силна бинарна опозиција по значење. Во вториот том од својата “Општа лингвистика“ Емил Бенвенист објаснува дека и зборовите “посветен“ и “свет“ (sacer) сe двосмислени: „латинскиот […]“, вели тој, “најдобро го открива двосмислениот карактер на ‘свето’: посветен на боговите е оној што има некоја неизбришлива нечистотија; тој е човек достоен за почит, но и човек што предизвикува ужас“.
Таа двосмисленост на “свето“ и “посветено“ кога станува збор за Груевски, на свој начин ја разоткрија “бомбите на Заев“. Тие покажаа, црно на бело, дека тој бил многу повеќе “посветен“ на плацеви на Водно, на кинeски провизии, на местење избори и слични марифетлаци. Но, тоа е веќе една добро позната приказна за профани грешници под дебелата, восочна маска на свети и посветени. Таа приказна ни е добро позната од повеста “Отец Сергиј“ на Лав Николаевич Толстој. Таа повест покажува дека и кај најголемите светци кои со години го смируваат дивиот глас на месото, тој останува не само жив и жилав туку, неретко и – кобен!
Rhetorica grueviana изгради слика за Груевски како скромен, чесен и честит човек “од народот и за народот.“ Бомбите на Заев ја стопија таа восочна маска за да покажат ужасен лик на алчен расипник, посветен на мајсторијата да претвора државни во – свои пари! Многу рано против таа реторика крена глас онаа на Тричковски која, како што барем сега стојат работите, ќе треба да полага сметки пред – Обвинителство.