Винтон: Дојдов со три, заминувам со шест кучиња

Лујза Винтон, постојан координатор на Обединетите нации и постојан претставник на Програмата за развој на ОН, е зачуденаа зошто еден мал кружен тек се гради и по повеќе од три години!

1183
Постојаниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Македонија Лујза Винтон, на која на 1 ноември и заврши петгодишниот мандат во земјава, во прошталното интервју за Македонската информативна агенција, вели дека Договорот од Преспа е клучен во враќањето на земјата на патот на европската интеграција, која за возврат ќе помогне да се спроведат реформите, а без тоа, вели таа, земјата ризикува залудно да ги потроши следните декади.

Таа вели дека преговорите со ЕУ не се лесни и оти земјата ќе мора да преземе долготрајни промени во легислативата и институционалните структури, и не е доволно само да се променат законите, ќе се бара и доказ за успешноста на нивното спроведување.

Винтон, во интервјуто за МИА им порачува на македонските политичари сите да се согласат околу тоа кој е заедничкиот темел на државниот интерес и заедничкото добро кое треба да се издига над политиката.

Винтон оценува дека за иден развој на Македонија потребно е решителен напор да се изградат институии, на сите нивоа и секаде, да се направат ефикасни, одговорни, транспарентни институции кои ќе даваат отчет на граѓаните на кои им служат. Како негативен пример на бирократски лавиринти го посочува градењето на депонијата во Гевгелија, за која две години чекале доволи за градба и потребни документи, а самата изградба траела шест месеци.

Како најзначаен проект на УНДП за време на нејзиниот мандат го наведе заштитата на Преспанското Езеро, што е и прикажано во документарниот филм „Езеро од јаболка“.

Од Македонија си заминува со позитивни импресии за природните убавини, планинските предели, археолошкото богатство, гостопримливоста на луѓето…, повикувајќи дека мора сериозно да се грижиме за нашите природи богатства.

Винтон следната нејзија функцијата постојан претставник на ОН ќе ја извршува во Грузија.

Г-ѓо Винтон, кои постигнувања на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе ги наброите како најуспешни за време на вашиот мандат?

– Како што е прикажано во нашиот документарен филм „Езеро од јаболка“, запирањето на загадувањето, деградацијата на Преспанското Езеро е едно од постигнувањата. Се работи за 15 годишни напори кои чинеа околу 15 милиони американски долари, поголемиот дел од нив обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка. Нашиот успех овде не зависеше само од упорноста и од финансирањето, туку и на сеопфатниот пристап да се справиме со предизвикот. Тоа значи дека УНДП тесно соработуваше со голем дел локални партнери за да се спречат разните видови на загадување, како на пример, прекумерната употреба на ѓубриво и пестициди, диви канализации, неконтролирано исфрлање на непродадените и скапани јаболки како и уништувањето на блатата. Сето ова се темелеше врз едно внимателно планирање и ригорозен мониторинг – напорна работа која беше од суштинско значење да се постигне успех.

Друга причина за задоволство е превенцијата на поплавите. За време на мојот мандат овде, земјата беше погодена од три големи катастрофални поплави: Излевањето на реките на југоистокот од земјата во 2015 година, поројните дождови што предизвикаа поплави во кои загинаа шест лица во Тетово во август 2015 година и катастрофалните поплави во кои загинаа 23 лица во Скопје во август 2016 година. Сведочејќи од прва рака за смртоносната закана од поплавите, знаев дека ова е област на која УНДП треба да ги фокусира напорите, особено поради поврзаноста на климатските промени и зачестеноста на екстремни временски појави.

Прво, успеавме да преземеме мерки на одредени објекти, на пример со реконструкција на браните на реката Пена над Тетово и регулирање на речното корито на Липковска река во Липково и во Куманово. Исто така, направивме детални мапи на ризик за сите реки и поројни канали во земјата, со анализи колку ќе чини тоа, а колкави ќе бидат придобивките за различните инвестиции за превенција од поплави.

Со грант од Европската унија вреден 10 милиони евра, го применивме принципот „да изградиме повторно, подобро“ за реконструкција на браните, мостовите и патиштата што беа уништени во поплавите во 2015 година. Исто така исчистивме десетици километри канали на реките Црна, Струмица и Брегалница.

Истовремено, продолживме да применуваме посистематски пристап за превенција од поплавите, општините да не бидат оставени сами на себе, а средствата прво да се доделуваат на оние подрачја со највисок ризик. И натаму работиме да го примениме овој пристап на национално ниво, така што во тек е проект што го води УНДП за подобрување на отпорноста од поплави во Полошкиот регион, каде што сите девет општини потпишаа меморандум за соработка. Овој проект ќе трае повеќе години и веќе се обезбедени 10 милиони американски долари за следните пет години.

Веќе можеме да забележиме дека она што го научивме од нашите напори за намалување на ризиците од поплави, има поширока примена. На пример, со проект за заштита на природата, вреден четири милиони евра, финансиран од Европската унија, почнавме да работиме на спречување на една од најголемите закани за Охридското Езеро, со враќање на реката Сатеска во првобитното корито, кое беше изменето во 1960-тите години поради потребите за добивање електрична енергија од хидроцентралите. Од тогаш, околу 120.000 кубни метри седимент влегува во Охридското езеро секоја година и го загадува. Затоа сега ќе ја вратиме реката во првобитното корито со цел да го спречиме овој прилив на седимент во езерото. Решенијата што ние ги предлагаме произлегуваат директно од нашите претходни искуства и модели што сме ги примениле.

Третата работа што ќе ја спомнам се создавањето на работни места, особено за групите кои се соочуваат со тешкотии на пазарот за труд. Ние сметаме дека најголемиот предизвик за развој на земјата е недостигот од пристојни работни места. Работејќи во партнерство со Министерството за труд и социјална политика, употребивме комбинација од тренинг, подучување и давање мали грантови, така што во изминатите 10 години им помогнавме на 10.000 невработени лица да основаат свој, мал бизнис. Како што работевме, ја адаптиравме програмата за да осигураме дека групите кои тешко се вработуваат, како младите луѓе, жените во руралните подрачја, лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и затворениците, имаат подобри шанси да најдат пристојна работа во приватниот сектор.

Создавањето на работни места пак , поттикна една друга програма „социјални услуги“, уште една иницијатива што ја имплементира УНДП во партнерство со Министерството за труд и социјална политика. Преку оваа програма, 57 општини вработија 1.144 невработени лица (85 проценти од нив жени) да негуваат и чуваат илјадници постари лица, деца од претшколска возраст и деца и возрасни со попреченост. Како дел од оваа работа, помогнавме да се основа професијата „персонален асистент“ и „образовен асистент“, и до сега УНДП има истренирано и распоредено 450 лица кои им помагаат на децата со попреченост да посетуваат редовно училиште заедно со нивните врсници.

Кога влегов во УНДП ми беше кажано дека „развојот е маратон, а не спринт“. Ова е точно: може да потрае додека ги видите резултатите. И се што ние правиме зависи од силното партнерство со владините институции и другите чинители. Не сме само ние заслужни за било кој од успесите што ги набројав. Но, начинот на кој работиме ни дозволува да комбинираме истестирани методи и футуристички експерименти, така што, можам да кажам дека тимот на УНДП секогаш „готви“ нешто ново. Да се предводи ваков тип на работење е мојата претстава за најдобрата работа во светот.

Кои би биле најзначајните идни проекти за развој на земјата?

– Луѓето кога ќе помислат на развој често мислат на колку километри пат е направено, училишта обновени и така го мерат прогресот. Овој вид инвестиции секако дека се важни. Но, што е уште поважно, според мене, е функционирањето на демократските институции. Ова зависи многу од луѓето, од нивните индивидуални вештини, мотивацијата и организацијата. И ова е областа во која земјата се уште има многу да работи. Министерствата и јавните претпријатија имаат премногу вработени лица, најчесто повеќе отколку што можат разумно да си дозволат даночните обврзници. Но, во исто време, на овие лица им недостасуваат вештини, организација, раководство, насоки и доверба за да ги исполнат своите должности. Така што граѓаните залудно чекаат за услугите кои тие се должни да ги исполнат, а јавните пари се трошат бесцелно.

Би навела два примери овде, еден од моите професионални обврски, еден од мојот приватен живот.

Во март 2016 година УНДП доби грант од Јапонија за да направи депонија во Гевгелија, прва во земјата која би била изградена целосно по стандарди на Европската унија. Ова беше дел од проектот наменет за поддршка на пограничните општини кои се соочија со бегалската криза во 2015 година. Бегалската криза ги извади на виделина сите проблеми со складирање на отпадот во Гевгелија, каде со декади отпадот бил едноставно фрлан на бреговите на Сува река, притока на Вардар.

Одлучивме, во консултација со општината, да изградиме санитарна депонија која ќе овозможи затворање на отпадот за ѓубре и ќе создаде еден нов модел на модерни практики за складирање на отпад. И така, почнавме со работа. Помогнавме да се направи софтверски алгоритам за да се избере соодветна локација за депонијата, така што изборот на локацијата беше направен врз основа на повеќе од 100 објективни критериуми. Одржавме бројни средби и консултации за да ја придобиеме поддршката на јавноста во изборот на локацијата. Направивме и дизајн на депонијата. Огласивме и тендер и избравме изведувач.

Ништо од ова не одеше лесно. Но, на компликациите гледавме како нешто неизбежно, бидејќи ова беше за прв пат да се прави нешто од ваков тип во земјата. Сепак, она што не го очекувавме е тоа што потрошивме две години во бирократски процедури и лавиринти за да ги добиеме сите дозволи и одобренија за да почнеме со работа. Овој процес беше кошмар, вртење во круг и непотребни консултации, во кои следниот чекор значеше враќање назад и консултирање на сите институции кои веќе беа еднаш исконсултирани. Бескрајно чекање на потписи, непотребно ситничарење и прегледување на законите, и многу одложувања што се чини дека беа производ на колективниот страв од одговорност.

Одложувањата беа толку надреални што си помислувавме едноставно да излеземе од овој проект и да ги искористиме средствата за нешто друго. Единствена причина зошто останавме е да докажеме дека е возможно, и, еднаш кога веќе ќе стигнеме до крајот, да се свртиме и да им го покажеме патот на оние што доаѓаат после нас. На крајот, за изградба на депонијата беше потребна половина година, наспроти повеќе од две години заглавени во бирократски лавиринти. Имавме среќа што нашиот донатор, Јапонија, покажа трпеливост, и мислам дека успеавме и поради тоа што во УНДП имавме доволно луѓе да се справуваат со предизвиците во тие три години.

Тоа е пример од мојот професионален живот. Што се однесува до приватниот, за време на мојот петгодишен мандат живеев на крајот на селскиот пат во Сопиште. Ја избрав таа локација поради тоа што имам кучиња, дојдов со три, а заминувам со шест кучиња, вдомив три улични кученца во Сопиште, и поради тоа што ја сакам периферијата и погледот на лозјата и ридовите што се протегаат во далечина.

Но, да се стигне во Сопиште, потребна е навигација низ еден кружен тек кој се реконструираше подолу на влезот од Кисела Вода. Без некоја видлива причина, овој кружен тек и поправката на патот, траеше повеќе од три години. Беа ископани дупки, бетон беше поставен, па ископан, беа направени некои пренасочувања, па скратени патчиња, асфалт беше послан, па повторно ископан, цевките беа нераспакувани, а често, ништо не се правеше додека возилата подрипнуваа поминувајќи низ земјениот пат. И така месец за месец. Но, кружниот тек се уште не беше направен кога за последен пат поминав таму накај улицата Христо Татарчев. Зошто? Не знам. Но, сигурна сум дека ова истото го мислат многу луѓе.

Ова можеби се два екстремни случаи, но институционалните слабости што тие ги откриваат се раширени насекаде.

Затоа верувам дека најдобар прогрес во развојот ќе се направи преку еден решителен напор да се изградат институциите  во земјата, на сите нивоа и секаде, да се направат ефикасни, одговорни, транспарентни институции кои ќе даваат отчет на граѓаните на кои им служат. Ова е целосно во насока на целта број 16 од целите за одржлив развој на УНДП. „Промовирање мирни и инклузивни општества за одржлив развој, обезбедување пристап до правда за сите и изградба на ефикасни, отчетни и одговорни институции на сите нивоа“. Правењето ваков тип реформи се далеку потешки од изградбата на пат, но тие имаат повеќезначен ефект со ослободување на сите потенцијали на општеството. И ова е област во која УНДП може да помогне врз основа на декадите искуство што ги имаме во речиси секоја земја во која ние работиме.

Колку е важен договорот од Преспа за иднината на Македонија во европските и евроатлански интеграции?

– Договорот од Преспа е клучен во враќањето на земјата на патот на европската интеграција, која за возврат ќе помогне да се спроведат реформите што ги опишав претходно. Без тоа, земјата ризикува залудно да ги потроши следните декади. Задоволна сум што ОН имаше улога во овозможување да се дојде до овој договор, преку поддршката на Метју Нимиџ, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН, кој над 23 години го помагаше овој процес. Јас се надевам дека договорот од Преспа наскоро ќе почне да се реализира.

Преговорите со ЕУ не се лесни. Земјата ќе мора да преземе долготрајни промени во легислативата и институционалните структури, и не е доволно само да се променат законите, ќе се бара и доказ за успешноста на нивното спроведување. Но, како што тоа се покажа и во другите земји, промените што ги носи патот кон пристапување во ЕУ, носат бенефиции за обичните граѓани.

Кампањата за референдумот, на моменти беше премногу поедноставена, дека членството во ЕУ ќе донесе купишта пари за земјата. Но, она што е поважно е дека ова е апликација која ќе биде применета и ќе ги тестира стандардите во сите аспекти на економскиот и општествениот живот. Луѓето понекогаш ова по грешка го сметаат дека се работи за прекумерна бирократија, но всушност се работи за ефикасност и доследност. Исполнувањето на одредбите од Поглавјето 23, на пример, на странските инвеститори ќе им влее доверба дека во оваа земја правосудниот систем се потпира врз фер и праведни пресуди, исти како што имаат дома.

Многу долго се чека на почнување на преговорите, но долгите години на подготовки, да се потсетиме дека земјата доби кандидатски статус во 2005 година, речиси во исто време со Хрватска која сега е членка на Европската унија, дава надеж дека, штом почне, напредокот може да биде брз и другите земји може да бидат претркани.

Која е вашата порака до македонските политичари?

– Во УНДП не заземаме страни. Но, гледаме ургентна потреба сите политичари да се согласат околу тоа кој е заедничкиот темел на државниот интерес и заедничкото добро кое треба да се издига над политиката. За мене, овој темел значи членство во ЕУ, бидејќи носи позитивни реформи со директна и пристојно брза придобивка за сите граѓани. Договорот околу ова прашање би ги отфрлил оние лажни аргументи што се појавија за време и после референдумот дека некако земјата може да ги направи и двете работи, да го отфрли договорот од Преспа и да гради поблиски релации со ЕУ. Ова не е возможно, така што, според мене, да поддржуваш опција што не постои, оди на штета на заедничкото добро.

Пет години бевте во Македонија. Што ќе памтите најмногу од времето на вашиот престој?

Тешко прашање.

Од политичката сцена, од негативен аспект, ќе го памтам хоророт што се случи на 9 и 10 мај 2015 година во Куманово и 27 април 2017 година во Парламентот. Се уште нема целосно објаснување за овие два настани, и јас се надевам дека истрагите ќе продолжат се додека судски не се разјаснат двата случаи. Двете експлозии на насилство доведоа до важни политички промени и поставија пример како индивидуалната храброст може да го смени текот на историјата.

На позитивната страна, ќе ги паметам стотиците планински глетки кои го одземаат здивот, а погледот од манастирот Трескавец во близина на Прилеп е еден од моите омилени. Ова е убава земја со огромен потенцијал за брендиран туризам кој ќе ги потенцира и богатството на природата и богатата и интригантна историја која содржи и пагански споменици, урнатини од римско време и џамии и манастири. Но, ова нема да се случи се додека населението, јавноста не почне сериозно да се грижи за заштитата на природните богатства.

Она што ќе остане запаметено, исто така, е топлото гостопримство, другарство и невидените музички таленти кои заедно искомбинирани го облагородуваат концептот на „кафеана“. Моите најдобри сеќавања се од долгите вечери поминати во пеење балкански и екс-југословенски хитови со ракија и салати. Песните беа моја вежбанка за хрватскиот и за македонскиот јазик и мислам дека имав нова омилена песна за секој месец што го поминав во регионот (последните две се „Ја излези Ѓурѓо“ и „Не клепечи нанулама“). Има стотици уште што допрва ќе ги учам, така што враќањето во земјата мора да е претскажано некаде во картите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...