Беса дефинитивно остана на Касами

Ова не е конечна одлука, конечната одлука ќе ја донесе Апелацискиот суд. Судскиот процес продолжува, вели од крилото на Гаши.

2104

Партијата Беса дефинитивно останува на крилото предводено од Билал Касами. Висок партиски функционер, за Плусинфо вели дека Основниот суд Скопје 2 ја одбил жалбата на крилото на Беса предводено од Африм Гаши, тој да биде впишан како претседател на партијата.

Дополнително, фактот дека битката за партијата ја добил Касами, нашиот извор го поткрепува со тоа дека и Управниот суд се прогласил ненадлежен за тужбата на Гаши.

Според ова, на крилото на Гаши му останува само опцијата, повторно да се обрати до Апелацискиот суд, но од групата на Касами велат дека приказната за тоа чија е Беса, е завршена.

Функционерот информира дека Касами и како приватно лице и како претседател на Беса, веќе поднел тужби со скопското Јавно обвинителство, за неовластено користење на партискиот печат и на името на партијата, до Африм Гаши, Неџбедин Каремани, Зекирија Ибрахими и Арбен Лабеништа. Дополнително, Касами го тужи и портпаролот на второто крило, Орхан Муртезани, за клевета.

По ова, од Беса на Касами најавуваат дека очекуваат Гаши да регистрира нова партија, бидејќи, според нив, повеќе нема право на името и на печатот на Беса.

– Ова не е конечна одлука, конечната одлука ќе ја донесе Апелацискиот суд. Судскиот процес продолжува – вели Орхан Муртезани од крилото на Гаши.

Касами е предводник на опозициската Беса, додека крилото на Гаши е дел од владината коалиција.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...