Односите меѓу двете соседни и пријателски земји, можностите за нивно продлабочување и заедничките аспирации за членство во НАТО и ЕУ, биле темите за кои разговарале претседателот на Собранието Талат Џафери на средба со министерот на Косовските безбедносни сили на Република Косово, Рустем Бериша.
– Заемна беше констатацијата дека владите имаат обврска добрите односи меѓу двете земји да ги преточат во реални политики, со кои ќе се овозможи дополнителен напредок во севкупната соработка. Високиот гостин го запозна претседателот Џафери со текот на процесот за трансформација на сегашните Косовски безбедносни сили истакнувајќи дека по завршената трансформација, овие сили ќе придонесуваат за мирот и безбедноста на целиот регион. Министерот Бериша зборуваше и за активностите во областа на развојот на соработката со Министерството за одбрана на Република Македонија, која ја оцени како мошне позитивна и динамична, со перспектива за нејзино унапредување, стои во соопштението од Собранието.