Може да се случи да се возиме во ист лифт. Вршителот на должноста претседател и мојата маленкост. Во зградата на јавното обвинителство за која не знам дали е случајно погодена така празна, студена и бесмислена или е намерно направана да биде поодвратна од тоалетите во „Бриколаж“. Бев кај една обвинителка што љубезно ме дочека на приземјето и ме качи во својата канцеларија. Која ме потсети на селскиот комитет на комунистичката партија во Немањици од пред шеесет години. Колку сум стар!
Хорхе е предмет на предистражна постапка во врска со кршењето на Уставот, а јас ќе се возам во лифтот во својство на осомничено лице. Ало, Прличко, Нушиќу, дали се слушаме!? Имам, сакам да кажам, повисок статус. Не сум сигурен дека нема да му го скинам увото. Како Суарез на Ивановиќ. Или дека нема да му шибнам една меѓу нозете. Затоа што обвинителството може да води предистражна постапка против овој ѕвер, но мојата постапка против него е завршена и тој е осуден на смрт со плукање, заебавање и обезушување. Мислам дека, сепак, ќе реши да се качува пеш. Но, да се концентрираме на случајот со сомнителното лице.
Изгубениот контекст
Нека сите тие обиди за државни удари, убиствени насилства, неверојатни загрозувања на животите и перспективите на два милиона души од страна на еден лудак кого уште полудиот народ двапати си го избра за претседател, не ни го одвлекува вниманието од суштинската тема на македонското постоење: зошто се чекаше толку долго за да се осомничи еден ординарен антидржавен елемент и кој кур сега со тој статус осомничен, може ли, тоа ми е зборот, по некоја скратена постапка, будалата да напредува во статусот, да се скокне некако фазата обвинет, да не се суди, да не би да ни остане труден, па да роди некое чудовиште што нема да може да остане живо ако повеќе од триесет минути е без својот родител и да се отиде директно на гилоти. Не килоти, да нема недоразбирање. Гилоти е обезглавување, македонски израз од времето на Александар Велики, кој потоа Галите го пофранцузиле со тоа што за разлика од Александар, фатиле да им ја сечат горната глава на криминалците.
Обвинителот Незири не пишува за кој курац сум осомничен. Што не е фер од негова страна. Зашто, сега сите, од жена ми, до шанкерот во „Корзо“, мавтаат со неговата покана и викаат дека биле во право кога тврделе дека јас не сум си ги плаќал сметките.
Но, пред да станам осомничено лице, имаше една информација дека обвинителството работи на собирање материјали во врска со говорот на омраза и заканите што наводно сум ги ширел јас. Еве ги најчесто споменуваните бисери: „Луѓето имаат природно право да се качат на Водно и да го обесат на првиот лустер. Да го наденат на некое александриско копје и да го фиксираат во мозаикот на Чемерски. Покрај глупавите здрвености на неговите гардисти. Да го мумифицираат во позата на Лудакот од Паљурци. Да го наредат покрај некоја тараба како мало смешно Чаусешче и да го стрелаат. Без Маја. Молам. Тој не е политички противник, тој е медицински феномен во служба на една злосторничка политика. Тој е лудак што го забива својот нож во гумениот чамец на македонските бродоломници. Пред европската Лампедуза. Тој е смртта во изборот меѓу себе и животот. Тој не е политички избор. Тој е манијак што ја злоупотребува нашата пристојност. Тој е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-ДПМНЕ е тој“.
Сцена втора: „Можеби е најдобро Мицкоски да се убие за секој случај: ако ги изневери вмроните, тоа ќе биде од корист за партијата, ако не ги изневери, тоа ќе биде од полза за Македонија!“
Сцена намбр три: „Од аспект на бебето, нема разлика дали злосторничката го носи во утробата или ќе го фрли во контејнер. Бебето е за неа панцир од куршумите на правдата. И ништо повеќе. Тој факт го издигнува нејзиниот злосторнички статус до највисоки висини и ја претвора во монструм“.
Чаптер фор: „Полицајците што денеска не успеаја да загинат во служба на Големиот идиот, ќе имаат можност да се ослободат од своите усрани животи во првата наредена прилика!“ И: „Синдикатот на полицијата за утре најавува штрајк на полицајците на кои денеска не им била пружена можност да умрат за Груевски!? Луѓето живи ќе се изедат, се чувствуваат како полицајци од втор ред!“ Малку е заебано што го нема контекстот, тој битен елемент во моето пишување. Но, сеедно!
Нема да престанам да се смеам
Да ме осудат на сто години затвор јас нема да престанам да се смеам. Нема да бидам скромен, преку кур ми е од скромноста и пристојноста и ќе кажам: од ова торнадо на најблагородниот дух. За кој Кекењовски бара ист статус со лудакот на кого државата треба да му ги одземе козите и да му забрани да им се приближува на помалку од три километри.
Само уште две работи во прелиминарната одбрана: Јас пишувам за стоката што беше дошла во позиција да влијае, битно да влијае врз нашите животи. Јас не пишувам за приватни личности. За врвот на власта или за врвот на таканаречената политичка елита како збир на лопови, будали и хохштаплери со амбиции да ни ја ебат мајката на сите.
Господине Незири!
Второ, свесно сум ја ставил главата во торба и сум го изложил на ризик целото семејство затоа што сум мислел дека тој ризик можеме и треба да го поднесеме во името на општото добро. На своја страна сум го имал само умот и перото, а тие имале сè: војска, полиција, обвинителство, суд, собрание, влада, медиуми, пари..…
Се радувам на целава ситуација. Веќе бев почнал да се плашам дека мојата жртва ќе отиде во заборав, но еве, како што вели народот, има Господ, ќе ме извалкаат уште еднаш во презлите на глупоста пред да ме спуштат во фритезата.
Сакам да им се заблагодарам на сите што се солидаризираа со мојата ситуација. Ситуацијата е надуена, но нивната реакција не е. Таа е искрена и чесна и јас се поклонувам пред неа.
Понекогаш ми доаѓа да мислам дека сум кајче без пента или со пента без бензин, во океан, меѓу Гуам и Фиџи, но, да не претерувам, да не ми се јави Фрчко, ако го сторам загрижен, ќе ми пукне душата, драги читатели.
Со сите разбирања на ситуацијата, на потребата да се најде некој и на другата страна, демек да не ги судат само нацистите, туку да најдат и некој Евреин, немам разбирање за постапката на обвинителството, односно имам разбирање дека е тоа шупоглава институција, која работи на струја или на друг вид енергенс што нема врска со правото.