ПИСМА ОД ЛОНДОН Враќање на невестите бегалки

Се шпекулира дека од 900 до 2.600 британски државјани, мажи жени и деца, се во курдските кампови. Се сметаше дека жените не претставуваат опасност и дека кон нив треба да се биде попустлив. Но, ова мислење радикално се промени и денес не важи

1038

Двете сестри од источен Лондон направија сè што можеа и плус да станат членки на организацијата. Прво читаа литература. Потоа почнаа да одат на состаноци. Дома се вклучија на интернет каде што следеа истомисленици. За да ја докажат припадноста на организацијата, отворија неколку фејсбук и твитер профили, со кои почнаа жестоко да ги напаѓаат неистомислениците – сите оние што ќе се осмелеа да кажат нешто против нивните ставови што станаа на некој начин – нивна религија. Всушност, тие и беа нивна религија. Делеа летоци. Одеа на протести и жестоко ја напаѓаа полицијата, за што во неколку наврати беа апсени, но имаа среќа – поминаа само со опомени. Едната, додуша и со притвор и со условна казна, за која кауција плати татко ѝ, поранешен британски воен падобранџија, кој до ден-денес не може да сфати што се случи со ќерка му.

На другата, мајката лекарка, уште е под надзор. И под терапија. За да се докажат меѓу своите, каде што како жени (и тоа, во случајов, бели) беа малцинство, се омажија за нивни сопартијци. Беа вредни и послушни членки и никогаш не ја издадоа каузата и за тоа брзо напредуваа низ организациската хиерархија, стекнувајќи доверба и добивајќи се поодговорни задачи.

За припадноста на терористичката организација, ја направија и конечната жртва – се откажаа од семејствата, се обвиткаа во бурка, ја сменија верата и отидоа на лице место да ја водат светата војна – џихадот, во Сирија. Тајно, главно преку Турција, тргнаа во авантура полни со жар во очите дека ќе го освојат светот. Со нож и со меч. Со соучесништво со мачења, убиства и силувања. Не е битно. Битна беше револуцијата.

Повратнички без повратници

Сега бараат, некои и молат, да се вратат. Со по едно дете. За второ, изгледа немаше време, изгледа толку бргу суровата реалност на војната и на „сопрузите“, членови на најсуровата терористичка организација на светот ги освести, што избегани и засолнети во логор во северна Сирија чекаат одлука кога и дали ќе можат да се вратат дома. Не мислеле така. Биле заблудени. Излажани. Изманипулирани. Да знаеле пред некоја година ова што го знаат сега, немало да се приклучат кон организацијата, ниту да заминат. Некои од нив веќе почнаа да се враќаат во Британија, жени со деца, но се прави селекција. Пасоши ќе добиваат само оние за кои ќе се докаже дека не биле вклучени во терористички активности, дека не зацрниле нечиј живот. Што, ќе признаете, во екот на војната, не е многу лесно да се докаже. Но засега, некои од жените бегалки се враќаат, а безбедносните сили во земјата „разговараат“ со сите повратнички. Мажите не се враќаат. Тие, изгледа, некако тешко ќе можат да докажат невиност.

Се смета дека во моментов околу 80 Британки чекаат да се вратат од војна, задржани во Сирија по падот и растурањето на Исламската држава во кампови под контрола на курдските сили. Не се само Британките, курдските сили држат и други џихадски невести. Минатата недела француската влада се согласи да земе назад околу 150 деца, но не и нивните француски џихадистички родители. Данска и Белгија се во преговори со Курдите да земат назад некои од своите државјани. И тие, главно, жени и деца.

Опасни жени

И сега, што да се прави со невестите бегалки? Да им се дозволи така лесно да се вратат? Како тоа се зачлениле во една од најозлогласените терористички „револуционерни“ организации која изврши и сè уште врши толку злодела?! Која уништи земји, животи, културни наследства, семејства, вредности?

Изминатиот викенд, таткото на Натали Брахт, една од британските жени за која се верува дека е во притвор откако се приклучи кон ИСИС, молеше таа да се врати, велејќи дека секој заслужува втора шанса. Од жените што се вратија, до сега, само една, Тарина Шакил од Бирмингем, е осудена за терористички дела. Има дискусии, ама симпатиите на јавноста не се премногу на страна на жестоките џихадски невести што велат дека се покајале. Ама на солзите, како малкумина да им веруваат.
Се шпекулира дека од 900 до 2.600 британски државјани, мажи, жени и деца, се во курдските кампови. Долго време се сметаше дека жените не претставуваат опасност, односно дека не се толку опасни колку мажите и дека кон нив треба да се биде попустлив. Но, ова мислење радикално се промени и денес веќе не важи. Во јуни годинава, 22-годишната Ризлан Булар беше осудена на доживотен затвор затоа што коваше заговор за напади со ножеви во ИСИС-стил пред парламентот во Лондон заедно со нејзината мајка, и двете членки на терористичка група што самите ја организираа.

А мажите? Е за нив е малку потешко. Гавин Вилијамсон, министер за одбрана, повика борците на ИСИС да се гонат и, внимавајте – да се убиваат додека се во странство! „Мртов терорист не може да ѝ наштети на Велика Британија“, рече тој минатата година. И никој не се трогна од оваа изјава, ене го, уште е министер.
Космичката правда ги стигнува и едните и другите. И третите. Бавна е, ама достижна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...