Загадувањето го фати Шилегов на спиење

Од Градот, пак, велат дека интензивно и системски се работи на намалувањето на загадувањето на воздухот и дека активностите во таа насока се дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

1216
20151224 Thursday magla skopje zagadeno zagadenost zagaden vozduh pm chestici chestichki smog

Скопје уште на почетокот на грејната сезона се вброи меѓу најзагадените градови во светот. Секојдневно на мерните места се регистрираат по пет пати повисоки износи на загаденост на воздухот, но градските власти, барем не видливо, сѐ уште не преземаат итни активности за подобрување на состојбата. Граѓаните негодуваат, лекарите препорачуваат итни мерки, а еко друштвата веќе покренаа онлајн петиција во која бараат итни мерки за намалување на аерозагадувањето. Загрижувачки се и бројките содржани во Извештајот на ЕУ за квалитетот на воздухот во Европа за 2018 според кои ПМ 2,5 честичките се причина за 3.000 смртни случаи годишно во Македонија.

„Бараме да се донесе закон со кој на ниво на Град Скопје ќе се забрани употребата на јаглен за загревање во домаќинствата, да се ограничи движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот. Да се намали данокот на додадена вредност за топлинска енергија со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата. Стимулирање на приклучување на зградите кон централното градско греење преку делумно ослободување од трошоците за приклучокот. Подобрување и зголемување на јавниот транспорт во градот, воведување нови ефикасни линии и стимулации за вработените во институциите и компаниите за здружено користење на возила или користење велосипед/одење пеш до работното место“, наведуваат во петицијата од „Еко свест“.

Скопјани очекуваат градските власти да преземат нешто итно пред да почне загадувањето да биде на ниво од ланското.

– Со години се гушиме, не само во Скопје, туку во целата земја, но како да нема никаква реакција. Се чека, како и секоја година, да почнат големите магли да се гушиме од нечистиот воздух, да се зголеми бројот на граѓани болни од респираторни болести и да ни кажат дека донеле одлука да го сменат режимот на дотур на стока до трговските капацитети или да донесат одлука за бесплатен превоз во ЈСП. Ништо не е сменето со години и не верувам дека ќе се смени – вели скопјанка.

Според неа, неразбирливо е како градови кои имаат жители колку целата наша држава се справуваат со загадениот воздух, а кај нас не можат да се копираат барем дел од нивните мерки.

Скопјани забележуваат дека наместо преземање мерки деновиве дополнително се загадува воздухот и со работите на Јужниот булевар, на булеварот Партизански одреди во Влае и на Митрополит Теодосиј Гологанов на кои преку целиот ден има застој на сообраќајот, а во таканаречените шпицеви возилата запрени работат и по 20 минути.

– Градоначалникот Петре Шилегов лани вети дека ќе се воведат еколошки налепници за возилата загадувачи со кои би требало многу полесно да се реализираат мерки за забрана за движење на загадувачите во денови на големо загадување. Рече дека ќе се изградат двата големи паркинг плаца на западниот и источниот влез на Скопје, за да нема голем влез на коли од внатрешноста, ама ништо од тоа. Барем сега нека направи некои итни мерки – вели Станислав О.

Докторите пак, велат дека мора да се преземат мерки за намалување на загадувањето, оти загржувачки се бројките на смртност како последица на загаден воздух. Од вкупно 5.500 смртни случаи кои се случуваат годишно, 1.200 се последица на загаден воздух.

Од Градот, пак, велат дека интензивно и системски се работи на намалување на загадувањето на воздухот и дека активностите во таа насока се дефинирани со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот кој опфаќа 53 краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

– Од аспект на загревањето, Градот Скопје го формира новото јавно претпријатие „Градски Енергетски Системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности, кое ја реализира постапката за преземање на градската топлификациона мрежа. Покрај ова, Градот и оваа година субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и останати течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат далеку помалку. Во оваа област како нови мерки може да се наведат и субвенциите за обука на оџачари, како дефицитарна струка, како и субвенциите за граѓаните за чистење на оџаци – велат од Градот.

Во однос на сообраќајот, од Градот наведуваат дека во транспортниот систем на ЈСП изминатиот период беа вклучени неколку еколошки автобуси на гас и за првпат на линијата број 15 сообраќаше електричен автобус. Најавуваат дека веќе идната година ќе бидат набавени 40 нови еколошки автобуси.

– Како мерки од областа на сообраќајот може да се наведат и воведувањето на бесплатен превоз за сите средношколци во јавниот градски превоз, како и воведувањето бесплатни автобуски линии до Водно со цел растоварување на сообраќајниот метеж на планината, како и воведување на бесплатен автобуски превоз во деновите на висока загаденост – велат од Градот.

Оттаму не го изоставаат и промовирањето на електричните возила, преку поставување нови полначи за електрични возила на повеќе локации во Скопје кои се бесплатни за користење за корисниците на ваков вид возила.

Од градот како мерки ги наведуваат и поставувањето енергетски ефикасни фасади на училиштата, реконструкцијата на зелените површини и садењето дрвца, чистењето на дивите депонии, но и субвенционирањето велосипеди. Но, не наведуваат мерки кои моментално би влијаеле на намалување на загаденоста на воздухот.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...