Снимка од безбедносната камера од ходник кој води до холот во Собранието се гледа во Кривичниот суд на денешното рочиште за настаните од 27 април лани.
Станува збор за снимки од камера поставена во друг агол. И од овие снимки се гледа како влегува толпата и се движи од холот каде е кабинетот на тогашниот спикер Трајко Вељановски кон прес салата. После 19 часот влегуваат групи на луѓе, меѓу кои и насилниците со фантомки и дел од обвинетите.
Исто така и на оваа снимка како и на претходните се гледа и како шефот на обезбедувањето на Вељановски, сега обвинетиот Горан Ѓошевски, со рака им покажува на луѓето правец на движење кон прес салата.
Гледањето на снимката денеска почна покасно бидејќи судот претходно одлучуваше да се раздвои постапката за обвинетиот Сашо Марковски, вработен во Петтата управа во МВР.
Тој се наоѓа во болница од вторник, па обвинителката побара за да не се одолговлекува судењето, нему да му се суди во одвоена постапка.