Репресивните режими убиваат. Бруталното убиство и касапењето на новинарот, соработник на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, во конзулатот на Саудиска Арабија во Анкара, беше порака до сите што бараат слобода, правда и демократија. Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите (2 ноември) во светот се одбележува во знакот на револтот и гласното спротивставување на насилството против новинарките и новинарите, против скратувањето на медиумските слободи.
Последната колумна на колегата Џамал се однесуваше токму на тоа, дека слободата на изразувањето и медиумските слободи се под силен удар на недемократските режими меѓу кои спаѓа и режимот на кралското семејство во Саудиска Арабија. Тој во колумната, објавена постхумно, пишува за отказите, заканите и притисоците, за корумпирањето на медиумите, притисокот врз бизнис заедницата да не спонзорира критички настроени медиуми, за полициско-судските прогони… Звучи познато, нели?
Џамал плати со својот живот затоа што не сакаше да му се покори на режимот. Стотици новинарки и новинари во светот се в затвор или се соочуваат со жестоки притисоци. Некои од нив гнијат по затвори поради јавно изречениот збор, а некои завршуваат и трагично, во сообраќајни несреќи или друго „случајни“ инциденти. Повторно, звучи познато, нели?
Во случајот на Џамал, режимот отиде најдалеку, со брутално убиство и касапење, како што се наведува во првите наоди на турските истражни органи. Не постојат доволно зборови да се искаже горчината и револтот против еден режим во чии службени простории може да се изврши вакво ѕверство. Не постојат доволно зборови, ниту доволно гласност, за да се осуди газењето на слободата на изразувањето. Токму така, никогаш не е доволно гласна осудата на репресијата – секогаш мора да бидеме погласни.
И да, светот деновиве го зафати нов бран на повици за слобода и демократија. Се крана огромен облак на незадоволство и жестоки критики против саудискиот репресивен режим. На бруталноста и притисокот му се спротивставува зборот. Фактите и слободно изразените ставови се најжестокиот и најмоќниот непријател на секој режим. Тие ги пробиваат сите видливи и невидливи ѕидови што ги креваат диктаторите и криминалците. Светот бара правда за Џамал (#JusticeForJamal).
Меѓу репресивните режими се вбројуваше и Македонија до пред неполни две години. Иако режимот на Груевски падна, а и Фамилијата е прилично настината, на колена и раскарана, медиумите се сѐ уште далеку од слободата на изразувањето и независното новинарство. Тоа не мора да се објаснува посебно, доволно е да се прелета со поглед преку ТВ каналите, интернет порталите и парталите…
Исламската верска заедница, преку писмо потпишано од верскиот поглавар Сулејман Реџепи, го поддржа режимот на кралот на Саудиска Арабија. Тоа го направи верски лидер што на својата позиција дојде по пат истапкан со калашниковите на криминалната група на Агим Красниќи од Кондово, истиот што во еден свој говор кажа дека Алах го пратил Никола Груевски да ја спаси Македонија. Тоа се барем познати факти. Во сферата на озборувања, се разбира, сѐ уште далеку од потврдено (па затоа и се извинувам што пренесувам непотврдени гласишта) е дека неговото кодно име е Жарко, заведено во списокот на соработници на тајните служби на југословенскиот, а подоцна српскиот режим.
Борбата е далеку од завршена. Примерот со ефендијата од Македонија само покажува дека структурите на моќта се меѓусебно поврзани и не признаваат етнички и верски граници. Тие се заедно и работат на задржување и зголемување на богатството, влијанието и моќта во најразлични форми. Поделбите и омразата им ја оставаат на наивните што веруваат во црната пропаганда.