Една недела откако Град Скопје заврши со реконструкција на улицата Огњан Прица во населбата Кисела Вода, таа на неколку места пак се прекопува. Делови од улицата која доби нов асфалт се заградени, бидејќи изведувачот во текот на градежните работи ги утнал шахтите, односно тие не биле со нивото на улицата.
Од 35 шахти на улицата, утнати се седум.
– Побаравме од изведувачот да ги поправат местата каде што шахтите се под пониско од улицата. Градот повеќе нема да толерира неодговорно изведување на градежните работи – велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов.
Од Град Скопје на 22 октомври информираа дека завршиле со реконструкција на улицата Антон Попов, поранешна Огњан Прица, на потегот од крстосницата со улицата Павел Шатев до улицата Димо Хаџи Димов, во должина од 584 метри, за што биле потрошени 5,5 милиони денари. Тогаш од Градот се пофалија дека поставиле нов асфалт и ги нивелирале сите шахти и сливници./СДК