Николоски се подбива и со шефот и со ВМРО-ДПМНЕ: Пред две недели бил можен подобар договор со Грците, а сега веќе не!

Ако Мицкоски не сфатил дека Николоски го пушта низ вода, тогаш немам што друго да кажам за „драгиот Христијан“, освен дека човекот навистина е политички неписмен и дека треба што поскоро да ја напушти лидерската позиција, за да си биде она за што го бидува – чувар на (своите) хидроцентрали во зимскиот период.

10604

Пред три дена го предупредив лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека во политиката, како и во животот, е многу опасно кога ги лажеш другите луѓе, а уште поопасно е кога самиот веруваш во сопствените лаги. И ете, уште не се исуши бојата на хартијата на која тоа беше запишано, а неговиот најблизок соработник, Александар Николовски, јавно и без ронка грижа на совеста, призна дека тој и Мицкоски ги лажеле не само своите сопартијци, членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, туку и целиот македонски народ, дека ако тие дојдат на власт, ќе постигнеле подобар договор со Грција.

Не умри магаре до зелена трева… Но, да тргнеме со ред.

На 16 октомври, повеќе медиуми пренесоа извештаи од настапот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на конференцијата на Еврпските народни партии, насловена како „ЕУ – Западен Балкан, како заедно да ја изградиме нашата заедничка иднина?“. Во таа пригода, според медиумите (овде ја цитирам агенцијата Макфакс), Николовски рекол: „ВМРО-ДПМНЕ верува дека кога ќе имаме шанса да ја водиме владата, ќе можеме да постигнеме подобар договор со Грција, договор што ќе биде балансиран и во корист на Македонија, не само во корист на Грција. Овој договор мора да се соочи со реалноста и граѓаните да можат да живеат со него. Свесен сум дека Грција ќе се вклучи во изнаоѓање подобар договор, бидејќи е и од нејзин интерес да има стабилен регион и да има договор што ќе може да биде прифатен. Договор што ќе ги почитува правата на Македонците да имаат своја држава и свој идентитет. Тоа е договор кој може да биде прифатен и да биде во полза на сите“.

И сега, само две недели подоцна, за Фактор магазин, истиов Николовски, бесрамно ќе изјави: „Подобар договор со Грција веќе не е можен. Стојам на ставот дека договорот е лош, но сега, со односот на СДСМ, по сѐ што се случи, сме во еднонасочна улица. За жал, сите ние ќе мора да живееме со Преспанскиот договор“. И секако, нема да заборави да се закани дека „секој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој во парламентот ќе постапи спротивно на ставот на Централниот комитет и даде поддршка на уставни промени, ќе биде исклучен од партијата“.

Бре мајката! Пред две недели подобар договор со Грците бил можен, а сега веќе не е можен и сите сме биле во „еднонасочна улица“. Толку ли е мутав Христијан Мицкоски (нека ми прости на вулгарноста), па да не му текнува да го праша Николоски: „Па како така, потпретседателе? Па зошто од партија ги исклучивме Митко Јанчев и Никола Тодоров, на пример, кога тие го велеа истото што ти сега го велиш?“

Оваа голема, крупна лага, е клучна за поведението не само на пратениците на оваа партија, туку и за односот на сите луѓе кои на референдумот не излегоа да гласаат, уверени дека ВМРО-ДПМНЕ има резервен план, односно дека може да се постигне подобар договор со Грција.

Лагата станува уште пострашна, би рекол дури и фатална за судбината на Мицкоски, а веројатно и за Николоски, ако се има предвид клучната порака што помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Вес Мичел, ја напиша во своето пријателско ВПШ писмо до „диар Христијан“ – подобар договор од овој со Грција не може да се постигне! (ВПШ = вашата последна шанса). После безобразниот одговор на тоа писмо (сега можеме да претпоставиме кој го советувал да напише таков глупав одговор), Мицкоски е практично екскомунициран и од американските и од сите поважни странски дипломати.

И замислете, после таа страшна манипулација, после тие огромни штети за ВМРО-ДПМНЕ, Николоски ладнокрвно изјавува дека „подобар договор со Грција веќе не е можен“ и дека „за жал, сите ние ќе мора да живееме со Преспанскиот договор“. Можам да се обложам дека кутриот Мицкоски, кога ја слушнал оваа изјава, се гризнал за усните и процедил: „Па чекај бре, идиоте еден, та нели ми велеше дека можеме да направиме подобар договор со Грците, нели така ги лажевме сите во партијата и целиот македонски народ?! Сега ти сакаш јас да бидам виновниот, а ти да се извлечеш?!“

А ако, пак, Мицкоски вака не помислил, ако не сфатил дека Николоски го пушта низ вода и дека врз неговите плеќи ја товари целата вина за распадот на партијата што се обидува да му ја преземе, тогаш немам што друго да кажам за „драгиот Христијан“, освен дека човекот навистина е политички неписмен и дека што поскоро да ја напушти лидерската позиција, за да си биде она за што го бидува – чувар на (своите) хидроцентрали во зимскиот период.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...