Владата и осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ начелно се договориле за уставните амандмани. Ова го изјави премиерот Зоран Заев по средбата со осумте пратеница на ВМРО-ДПМНЕ, која пред малку заврши во Собранието.
По ова Владата амандманите ќе ги преточи во текст кој повторно ќе оди на проверка кај пратеиците, за конечно утре Владата уставните амандмани да ги достави до Собранието.
– На првата консултација беа дадени насоките, денеска зборувавме за суштината и мислам дека ги заокруживме. Останува, сега веднаш после оваа изјава, наше повлекување во Владата да го скицираме целиот текст на нацрт-амандманите којшто преточен во текст ќе биде уште еднаш испратен на консултации и верувам до крајот на денот потврден од новата пратеничка група се со цел утре Владата на РМ на владина седница да ги утврди нацрт-амандманите – изјави премиерот Заев по средбата.
Кога се ќе биде утврдено, додаде, јас како претставник на Владата објавувајќи ги нацрт-амандманите ќе го посочам каде и што е вградено.
– Еден дел ќе си биде вграден во Уставниот законик, еден дел ќе си биде вграден во самиот проглас на уставните амандмани којшто е акт за прогласување на уставните амандмани, така што верувам дека имаме решение. Сега останува да го преточиме тоа во зборови оти досега дискутиравме само, скициравме со пенкало и слично, сега да го преточиме во еден текст, да го видат конечно тој текст и да дадат конечна потврда дека е тоа така. Јас верувам дека нивната верба која што ги водеше да се одважат, охрабрат и гласаат е со причина и денеска ја видов суштината на таа причина. Мене ми е многу драго што токму таа причина и нивно вградување во самите уставни амандмани разобличува уште една дилема која што постоеше цело време и во текот на кампањата за референдумот, пред кампањата, после потпишувањето на договорот, а тоа дека го потврдуваме македонскиот идентитет – рече Заев
Заев не можеше да прецизира колку уставни аманднаи Владата ќе достави. Тој вели дека е важно тие да бидат во духот на Договорот од Преспа. Тој спомена дека може да бидат четири, пет или шест амандмани.
За барањето на ДУИ во амандманите да биде содржан и Рамковниот договор, премиерот не прецизира дали и тој ќе е дел од уставните амандмани, со образложение дека и ноќеска Владата ќе работи на текстот на амандманите.
-Немаме донесено одлуки за оваа работа. До вечерва касно ќе работиме. Утре Владата ќе одлучува за овие прашања, така што кога ќе имаме конечно нешто околу тоа ќе го соопштиме – рече Заев.
Заев истакна дека пратениците може да поднесат и амандмани на амандманите.