Полска ја поддржува Република Македонија, како и земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО интеграциите, истакнал Јацек Чапутович, министер за надворешни работи на Полска на средбата вечерва во Владата со премиерот Зоран Заев.
Како што соопшти владината прес-служба, Чапутович, кој предводи полска делегација, придружувана од амбасадорот на Полска во земјава, Јацек Мултановски, ги поздрави реформите во државава и добрососедските односи и лично му честита на премиерот Заев за постигнатите резултати.
На средбата беа споделени искуства дека евро-атлантските интеграции значат политичка стабилност, но и шанси за економски развој, како и искажана благодарност за досегашната полска поддршка на Македонија од осамостојувањето како и во однос на ЕУ и НАТО-интеграцијата.
Премиерот Заев меѓу другото истакна дека реформските промени што ги прави Владата во делот на владеење на правото, слобода на медиумите, примена на европските демократски вредности, како и унапредувањето на односите со соседите, низ пријателско и принципиелно ниво, веќе резултира со отворање перспективи и раздвижување на интересот за инвестирање во нашата држава, а првите договори, нагласил, се потпишани, додека има многу што се во фаза на договарање и разговори.
– Посветени сме на привлекување нови инвеститори и отворање нови работни места за младите луѓе во нашата држава. Во таа насока, многу ни значат отворените можности за економска соработка со Полска. Исто така, сакаме да примениме искуства од Вишеградската група во евро-атлантските интеграции, поради што сме подготвени на секое ниво да ја подлабочиме соработката со Полска – рече премиерот Заев.
Министерот за надворешни работи на Полска Чапутович се заблагодари за можноста да присуствува на денешната Комеморација по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија за време на Втората светска војна, и да ја искаже посветеноста на Република Полска дека вакви настани никогаш не смеат да се повторат.
На средбата на која премиерот Заев беше придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, беше оценето дека е од големо значење и соработката и дејствувањето на Република Македонија во решавањето на мигрантската криза заедно со европските земји, стои во соопштението.