На комеморативната вечер во Македонската филхармонија, што се одржа по повод 75-годишнината од холокаустот, се обрати и шефот на државата Ѓорге Иванов. Ја отпеа старата песна, со која десетина години настапува пред македонската јавност.
Ја искористи и оваа можност за да држи повторно лекции за толеранција, почитување, говор на омраза, за македонскиот модел на соживот, за прифаќањето на различноста и за други важни нешта за кои репродуктивниот подизведувач одамна ги изгуби сите права за јавна интерпретација. Просто е несфатливо, по сè што правеше и што направи, како Хорхе (неговото популарно естрадно име) се осмелува, има образ, да каже дека „ние како држава ние треба да го пронајдеме вистинскиот баланс меѓу гарантирањето на слободата на говорот и борбата против говорот на омраза“ или дека „Македонија има филозофија на почитување и прифаќање на различноста, која е фундаментално различна од толеранцијата“?
Ако веќе морало да се појави од процедурални, тогаш единствено што требало е да се засрами и да се извини од морални причини. За говорот на омраза со кој ја труеја јавноста медиумите под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што го направи претседател, за клетвите (до седмо колено) со кои ги колнеше тие што не беа спремни да го гласаат, за теророт против сите што беа различни од неговите и од поддржувачите на злосторничката власт, за хајките против соросоидите на Евреинот Сорос, за црвените кругови (наместо жолти ленти) околу портретите на демонстрантите, за поделбите на патриоти и предавници, за завршните пресметки, за Ќосето како порака, за амнестијата на криминалците, за ендеците и шамарите, за црниот понеделник, за крвавиот четврток…
Тоа се вика толеранција на (зло)дело: наместо одамна да „свири клавир“, тој сè уште диригира. Со државата, пред сè.
(Објавено во Слободен печат)