Сопственикот на фирмата која ќе ја гради зградата кај Мајчин дом во Аеродром, Фатмир Етеми, ќе инвестира во нов парк во оваа скопска општина. Тој најавува дека површините што не се пошумени целосно ќе ги обнови, уреди и збогати со нови високоизраснати дрвја, а ќе постави и нова урбана опрема и игралиште за деца.
– Ова е наш придонес за општината и граѓаните. Нашата компанија е општествено одговорна и сакам да обезбедиме подобри услови за живеење во Аеродром. Стојам на располагање и на други еколошки објекти во Општината и во процесот сум спремен целосно да ги вклучам граѓаните – вели Етеми.
Меѓутоа, паралелно тој ќе продолжи да ја гради и зградата бидејќи во разговор со надлежните институции било заклучено дека тие не можат да ја надоместат штетата од над 8 милиони евра или, пак, да му обезбедат заменска парцела со приближна вредност.
Етеми ветува дека зградата ќе биде целосно енергетски ефикасна, а плацот околу Мајчин дом партерно ќе го уреди со 100 дрвја.