Очигледно е и видливо постоењето на политичка концесија на премиерот Заев за прашањето на законот за јазици, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека жали што за вакво крупно прашање не се земаат в предвид аргументите и фактите, туку се гази Уставот и по секоја цена се обидува да се донесе закон кој не е уставен.
– Не е возможно законот да се донесе по демократски пат, а без притоа да се прекрши Деловникот на Собранието и не се изврши упад во процедурите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од единствениот начин на покажување на демократски пркост а тоа се 36-те илјади веќе поднесени и прифатени амандмани. Бидејќи ваков клучен закон се настојува да се донесе без дебата и разговор со опозицијата, да се игнорираат забелешките од претседателот на државата, само за да се задоволат одредени политички апетити јасно е за каков случај на пазарење на сметка на Уставот и законот имаме – рече Мицкоски.
Тој повтори дека Заев ќе ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во обезбедувањето на парламентарно мнозинство, и стабилноста на Владата само да не потпаѓа, како што вели, под уцените кои се на штета на државата, и да не го донесе неуставниот закон.
– Македонија не смее да функционира по принцип на преседани. Доколку се прекршат процедурите за носење на ова законско решение, тоа ќе значи воспоставување на нова незаконска пракса и истата ќе биде применувана во иднина. Затоа го повикувам премиерот и сите субјекти од власта уште еднаш да размислат пред да влезат во нов процес кој ќе значи нова политичка криза за Република Македонија – додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој му порача на Заев:
– Зоране јас те разбирам дека наспроти тебе стои човек кој што нема никаква, никаква концесија во минатото и нормални се твоите изјави, не можам да те оправдам, но можам да те разберам. Ќе мораш да научиш да живееш со тоа, политичките кариери на политичарите не траат вечно, за некои се подолги, но за некои се пократки. Но, она што ќе остане позади нас е дали ние како политичари сме додадена вредност и сме направиле нешто за оваа држава и за овој народ. Затоа уште еднаш апелирам за разум од твоја страна, да се посветиме на реформските закони, да се посветиме на реформите што ќе значат поквалитетен живот за нашите граѓани.