Оперативно техничката агенција (ОТА) од денеска и официјално почнува да работи со полн капацитет, согласно позитивните законски прописи, информираа на денешната заедничка прес-конференција вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, согласно извештајот и препораките на работната група на Рајнхарт Прибе.
ОТА е создадена и ќе функционира како професионална агенција целосно независно тело, за кое, како што нагласи Ангеловски, не постојат никакви влијанија ниту од власта, ниту од опозицијата.
– ОТА целосно ќе го штити безбедносниот интерес на граѓаните на РМ на етички и транспарентен начин. Ве уверувам дека не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на механизмите. Тврдам дека нема да ни се повторат „бомбите“ и нема да имаме афери од минатото. ОТА е максимално добро поставена, системот е тестиран и одговорно тврдам дека незаконско прислушување нема и нема да има – беше дециден првиот директор на Агенцијата.
Според Ангеловски, моделот што е избран за функционирање на ОТА е соодветен на условите и е оптимално решение за Република Македонија. Систематизацијата е изготвена, подвлече, но тоа е класифициран документ. Согласно систематизацијата, 25 лица би била оптималната бројка вработени.
Во моментот ОТА функционира со технички кадар преземен од МВР односно со четворица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузвнавање. Останатите вработувања ќе бидат преку јавен конкурс објавен на веб страницата на ОТЕ и во пишани медиуми.
– Лично моја одлука беше за преземените вработени кои се селектирани, немав никакв притисок. Луѓето се максимално коректни и исправни во однос на она што се случувало порано и не биле вмешани на ниту еден начин во она што се случувало во УБК. Беше консултирано дури и СЈО за да провериме дали тие лица имаат некаква поврзаност со аферата, истакна Ангеловски.
ОТА ќе води сметка и за застапеноста на етничките заедници во РМ во делот на бројот на вработените, како и за родовата застапеност. – Имам некаков концепт за тоа кои профил ни требаат, изјави Ангеловски.
Министерот Спасовски оцени дека со формирањето на ОТА се отстранети клучните забелешки од извештајот на Прибе.
– МВР односно Управата за безбедност и контраразузнавање немаат директен пристап до опремата за следење на комуникациите. Во УБК немаат податоци за примената на посебни истражни мерки (ПИМ) кои се на барање на другите овластени органи за следење на комуникациите. Уште поважно МВР односно Управата немаат никаков пристап до содржината на следената комуникација освен за оние мерки кои се набавени од управата за кои постои одобрување од судот, рече министерот Спасовски.
Тој образложи дека се овозможува повеќестепена контрола на следените комуникации односно ќе контролираат собраниската комисија, граѓанските организации и експерти. Појасни дека ефикасна парламентарна контрола значи дека собраниските комисии ќе можат во секое време да извршат контрола на работењето на ОТА и на системот на следење на комуникации, ќе можат да ангажираат експерти за да им помогнат во вршењето на контролата дејност, а се формира и граѓански совет од невладини оргнаизации кои работат во оваа област. Сепак, ќе има точно пропишани услови кои би биле тие невладини организации кои можат да учествуваат во контролата на следењето на комуникациите, но и контрола од експерски тимови.
На сигналот на ОТА многу брзо ќе можат да се приклучат и законски овластените за пристап до ПИМ мерките и тоа покрај БЈБ, УБК и финансиската полиција, царинската управа и Военото разузнавање, плус истражен тим од обвинителството.
ОТА е со седиште во „Телеком“, за што е известен и операторот ВИП, а денеска на состанок, најави директорот Ангеловски, ќе им биде презентирано како, по кои правила ќе соработуваат и ќе ги контролираат и самите оператори.
Одговарајќи на новинарско прашање дали од почетокот кога е тој министер за внатрешни работи граѓаните биле безбедни во однос на прислушувањето, освен оние кои се под ПИМ мерки, Спасовски информира дека целиот период посебни офицери за безбедност вршеле контрола на неделно и месечно ниво со извештаи врз основа на наредби дадени од судот.