Дали да застанете или да успорите? Каде да се подзакриете во случај на сообраќаен метеж? И најважно- како да не одмогнете?, пишува Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) во негвиот едукативен текст.
Гужвите и метежот во сообраќајот се фрустрирачки за многу возачи. Замислете како се чувствуваат возачите на Итната медицинска помош додека транспортираат пациент кој се бори за живот. Од тука проблематиката односно темата која значи пропуштања на возилата со право на првенство на минување, во кои влегуваат возилата на службите на брза помош, полициските возила, возилата на противпожарните служби и возилата на Армијата на Република Македонија заслужуваа посебно внимание.
Пропуштањето на возилата со право на првенство на минување кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци е законска, етичка и хумана обврска на секој учесник во сообраќајот. Согласно тоа , РСБСП со совети како да постапите, како одговорен возач, во случај да се најдете во ситуација да го делите сообраќајот со возилата со право на првенство на минување:
- Лоцирајте го возилото!
Кога ќе слушнете сирена ( звучни знаци), прво и основно не треба да ве фати паника. Бидете смирени и обидете се да откриете од кој правец доаѓа звукот . Исклучете ја музиката и отворете го прозорецот. Логично доколку се зголемува звукот значи дека возилото доаѓа спрема вас, меѓутоа мора да утврдите, дали доаѓа позади вас, од напред или од страна.
2. Анализирајте ја состојбата!
Понекогаш се наоѓате во густ сообраќај без место за поместување. Токму затоа би требало да почнете да ја анализирате ситуацијата штом ја чуете сирената. Вашата реакција зависи од многу фактори вклучувајќи ја одделеченоста на возилото со право на првенство на премин, брзината на приближувањето, однесувањето на другите возачи, типот на патот, можноста за безбедно отстранување на вашето возило итн.
На вас останува да ја донесете вистинската одлука во вистинскиот момент. Овде не е во прашање само законот. Со вашата реакција можете да го спасите животот на некое дете, сестра, мајка, татко…
3. Одреагирајте!
Доколку се наоѓате на отворен пат, без многу сообраќај, дозволете му на возилото со право на првенство на минување, полесно да ве заобиколи, така што ќе ја намалите брзината и максимално ќе се поместите во десно. Доколку сообраќајот е густ, обидете да најдете место да застанете на страна.
Меѓутоа во градските гужви, ситуацијата е неспоредливо по комплицирана – не постои универзален совет. Морате да изреагирате во согласност со околностите.
Направете што е потребно да го пропуштите возилото со право на првенство на минување, а притоа да не се загрозите себеси или другите учесници во сообраќајот.
На автопат само ослободете ја левата лента-тоа ќе биде доволно.
4. Гедајте го возачот и внимавајте на неговите сигнали!
Кога ќе се најдете во ситуација да не знаете како да изреагирате при средбата со возило со право на првенство на минување, воспоставете визуелен контакт со возачот и следете ги неговите упатства.
Што не треба да правите?
Без нагло кочење!
Кога ќе го забележите возилото со право на првенство на минување зад себе, најлошо што може да направите е ненадејно да закочите, што не ретко и се случува. Така ризикувате да предизвикате судар, а истовремено и да го забавите возилото со право на првенство на минување.
Без изненадувачки маневрирања!
Однесувајте се како во секоја друга ситуација во сообраќај – пуштете трепкач на време или вклучете ги сите четири доколку планирате да застанете. Возачот на возилото со право на првенство на минување ќе знае да го почитува вашето навремено известување за вашите намери, што и да планирате да направите.
Не паничете! Паниката може само да ја влоши ситуацијата. Според тоа кога ќе чуете сирени зад себе, длабоко вдишете и проценете ја ситуацијата. Доколку можете да помогнете да помине возилото со право на првенство на минување, направете го тоа – доколку не можете, останете смирени и чекајте прва можност да го направите тоа.