Што предлага ВМРО-ДПМНЕ со Законот за амнестија? (ИНТЕГРАЛНО)

751
ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот до Собранието поднесе Предлог закон за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за настаните од 27 aприл 2017 година.

Со предлог-законот за амнестија, ВМРО-ДПМНЕ, како што објавивме претходно, бара лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 април 2017 година да се ослободат од кривично гонење, да се запрат поведените постапки и целосно да се ослободат од издржување на казната затвор.

Опозициската партија предага Собранието да расправа за предложениот текст по скратена постапка, затоа што не е во прашање сложен и обемен закон.

Со законот, како што се вели во образложението, се определува и бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на законот во сила.

„Основната цел на Предлог-законот е амнестија за сите инволвирани во случувањата од 27 април, со цел национално помирување и враќање на нормалните текови во државата“, се вели во образложението.

За спроведување на овој закон не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот, ниту пак ќе предизвика финансиски последици врз другите јавни финансиски средства.

Во продолжение текстот од Предлог законот за амнестија во целост:

ПРЕДЛОГ – ЗАКОН

ЗА АМНЕСТИЈА НА ЛИЦАТА ОСОМНИЧЕНИ, ОБВИНЕТИ И ОСУДЕНИ ЗА СОБРАНИСКИТЕ НАСТАНИ ОД 27 АПРИЛ 2017 ГОДИНА

Член 1

(1) Со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор (во натамошниот текст: „амнестија“) лицата:

– осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територија на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон, сториле кривични дела согласно член 384 – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно член 386 – Насилство, согласно член 385 – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело согласно член 313 – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/96, 80/99, 4/02, 43/03, 19/2004, 81/05, 60/06, 73/06, 87/07, 7/08, 139/08, 114/09, 51/11, 135/11, 185/11, 42/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15 и 97/17) и други кривични и прекршочни дела согласно со позитивно-правните прописи во Република Македонија,

– лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и/или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 Април 2017 година.

(2) Се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на сила на овој закон.

Член 2

(1) Постапката за примена на овој закон за лицата против кои е во тек кривична постапка, ја поведува по службена должност првостепениот суд пред кој се води постапката, надлежниот јавен обвинител или осомниченото, односно обвинетото лице, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

(2) Постапката за примена на овој закон за лицата кои не отпочнале со издржување на казната затвор, постапката по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежниот јавен обвинител или по барање на осуденото лице на кое се однесува амнестијата, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

(3) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени ја поведува по службена должност казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор.

(4) Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената одлука, во рок од пет (5) дена од денот на приемот на барањето.

Член 3

(1) Против решенијата од член 2 на овој закон жалба можат да поднесат јавниот обвинител, лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба во рок од три (3) дена.

(2) По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од три (3) дена.

Член 4

Доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка.

Член 5

Упатство за спроведување на овој закон го донесува Министерот за правда во рок од три (3) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 6

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ

ЗА АМНЕСТИЈА НА ЛИЦАТА ОСОМНИЧЕНИ, ОБВИНЕТИ И ОСУДЕНИ ЗА СОБРАНИСКИТЕ НАСТАНИ ОД 27 АПРИЛ 2017 ГОДИНА

  1. ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ

Со членот 1 се определуваат лицата кои се ослободуваат од кривично гонење, за кои се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор, а со ставот (2) се определува бришење на осудата и укинување на правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на сила на овој закон.

Со членот 2 се предвидува постапката за примена на овој закон од страна на судот, обвинителството и казнено-поправните установи.

Членот 3 предвидува поднесување на жалба по решенијата од членот 2.

Со членот 4 се предвидува дека доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка.

Членот 5 предвидува да се донесе Упатство за спроведување на овој закон од страна на Министерот за правда во рок од три (3) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Членот 6 го уредува влегувањето во сила на законот.

    1. МЕЃУСЕБНА ПОВРЗАНОСТ НА РЕШЕНИЈАТА СОДРЖАНИ ВО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ОДРЕДБИ

Решенијата содржани во одредбите се меѓусебно поврзани  и чинат една правна целина.

III. ПОСЛЕДИЦИ ШТО ЌЕ ПРОИЗЛЕЗАТ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА

Предлогот на законот ќе обезбеди амнестија за сите инволвирани во случувањата од 27 април.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...