Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одлучил пратеникот Никола Мицевски да биде новиот координатор на пратеничката група. ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе дејствува со една пратеничка група, наместо со 10.
Како што брифираа пратеници за Плусинфо, Мицевски е предлог на претседателот Христијан Мицкоски. Информациите се дека со одлуката за една пратеничка група предводена од Мицевски ќе значи дека ќе продолжат превирањата во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ .
Плусинфо веќе објави дека, услов на дел пратеници е шефот на пратеничката група да го изберат пратениците, а не партиското раководство. Ова беше услов и ВМРО-ДПМНЕ наместо со 10 во Собранието да дејствува со една пратеничка група.
Местото координатор на пратеничка група остана празно откако Драган Данев пред неколку дена најави дека се повлекува од функцијата. Данев ја извршуваше функцијата неполна година, а неговото повлекување следи по низата исклучувања, разрешувања и оставки од партиските функции поради несогласувања со раководството.
Мицевски е штипјанец, завршил Земјоделски факултет и е магистер по економски науки од областа на МБА-Менаџмент.