Пратеникот Влатко Ѓорчев на денешната седница за пратенички прашања рече дека за време на референдумот на некои избирачки места бил постигнат неславен светски рекорд – за половина час „гласале“ 500 луѓе кои не се ни потпишале на избирачкиот список.
Тој обвини дека гласачките кутии биле наполнети со 50.000 ливчиња, а дека ни по еден месец од референдумот власта не презела ништо за, како што рече, евидентното полнење кутии и предупреди прашувајќи, како ли ќе биде за време на следните избори.
-Нормално ли е 500 гласачки ливчиња да бидат уфрлени за половина час, нормално ли е гласач да гласа за пет секунди. Вие не убедувате дека тоа е нормално – додаде Ѓорчев.
Премиерот Заев апелираше до институциите да ги проверат ваквите, како што рече, инсинуации.
-Сè што до сега е пријавено е процесирано. Апелирам до сите институции кои не се под моја надлежност да си постапат по слово на закон. Тој што полни кутии ги полни да добие резултати. Референдумот беше консултативен, не сме имале никаква мотивација да полниме кутии. Сакавме секој кој сака да учествува, да излезе и да го даде мислење за правецот на државата – рече Заев.
Ѓорчев го праша премиерот Заев што направила оваа влада за албанските граѓани за кои рече дека дека вршат масовен егзодус и преселба од државата.
Заев одговори дека не ги дели граѓаните по етничка линија и работи на унапредување на условите на живот на сите граѓани и дека сите подеднакво ќе ги чувствуваат придобивките.