Правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција се четирите клучни области содржани во Планот 18 со кој Владата продолжува со спроведување на итните реформски приоритети во насока на исполнување на условите за евроинтеграција на земјата.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната прес-конференција, на која го презентираше „Планот 18“, посочи на силната европска и светска поддршка за евроатлантските интеграции на земјата во изминатиот период со реализираните бројни посети, нагласувајќи ја важноста од имплементација на Договорот од Преспа.
-Имплементацијата на Договорот од Преспа претставува една од најважните обврски преземена од наша страна и дозволете во оваа прилика да изразам особено задоволство што Собранието го даде првото зелено светло за пристапување кон уставните измени што претставува израз на зрелост на нашите политички претставници во Собранието. Посакувавме поголема поддршка за овој историски чин, но процесот е на самиот почеток и јас сум убеден дека до неговиот финиш политичката поддршка за Договорот од Преспа ќе се зголемува, а ние како политичари ќе изградиме широк консензус за сите останати прашања што се од надпартиски и наднационален интерес, меѓу кои е и имплементацијата на Планот 18 – истакна Османи.
Тој посочи дека по завршувањето на имплементацискиот период на Планот 3-6-9, како негов континуитет, Владата изготви драфт верзијата на „Планот 18“, во кој беа вметнати препораките од Извештајот на Европската Комисија, во чие финализирање спроведени се широки консултации со невладиниот сектор, експертската јавност, но и опозиција, потоа со претставници од Делегацијата на ЕУ, земјите членки и самата Европска комисија. Во Документот се вметнати и заклучоците од поткомитетите на Комитетот за стабилизација и асоцијација, краткорочните препораки од спроведените оценски мисии, препораките на ОБСЕ/ОДИХР, Венецијанската комисија, ГРЕКО итн.
– Реформскиот Планот 18, кој беше подготвен од страна на Секретаријатот за европски прашања, Министерството за правда, МВР, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за финансии, воедно претставува документ што е изграден во, веројатно најинклузивниот политички процес во државава, преку бројни средби и размена на идеи и предлози со граѓанскиот сектор, со опозицијата, и во оваа смисла заслужува да биде издвоен од дневниот политички натпревар, и да ја добие соодветната поддршка. Реформските приоритети дефинирани во овој План, покрај суштинското унапредување на општеството, претставуваат и клучен параметар преку кој ќе се мери успешноста на нашите европски интеграции, порача Османи.
Тој најави дека за секоја од областите од реформскиот План 18 ќе следат брифинзи во присуство на ресорните министри со цел подетално запознавање на јавноста со мерките што треба да се спроведат со јасно утврдени рокови. Првата средба е веќе в петок со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и раководители на институции со надлежности во делот на безбедносната срефа со акцент на ОТА.