Желбата за одмазда и реваншизам, Ви се поголеми отколку желбата за креативност и да направите нешто во државата, обвини пратеникот Влатко Ѓорчев на седницата за пратенички прашања и наведе пример дека по собраниската седница за уставни измени на која пратеникот Стојан Миланов гласал против, по две недели добил кривична пријава.
-Ние сме во Собрание каде што буквално во 7 часот може да те ослободат од затвор за да гласаш во 9 навечер, и тоа после да биде во ред. Ваква состојба во Македонија немало 60 години наназад. Нема правда, има само неправда. Сите се во грч – рече Ѓорчев.
Пратеникот Ѓорчев обвини дека во државава власта сее страв, дека за време на референдумот неконтролирано се полнеле гласачките кутии, прашувајќи како ли ќе биде на следните избори.
-Нормално ли е 500 гласачки ливчиња да бидат уфрлени за половина час, нормално ли е гласач да гласа за пет секунди. Вие не убедувате дека тое е нормално – додаде Ѓорчев и обвини дека гласачките кутии за време на референдумот биле наполнети со повеќе од 50 илјади ливчиња.
Зборувајќи за капиталните инвестиции, Ѓорчев рече дека власта има реализација од 27 отсто што е „невидено фијаско“.
-Една шајка немате ставено, една бандера немате поставено. Имате најмногу министри, а убедливо најслаб економски тим во Владата и најлоши резултати во економијата, со само 27 проценти капитални инвестиции – додаде пратеникот Влатко Ѓорчев.