Локвенец: Силен надворешен механизам ќе ја контролира работата на полицијата

389

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата продолжува со реализирање на реформските приоритети на Македонија кои овозможуваат унапредување на демократските процеси и гарантирање на човековите права. Собранието се враќа на реформската агенда, изјави денеска Хари Локвенец, пратеник од СДСМ и коалицијата.

– Преку инклузивниот процес обезбедивме двотретинска поддршка за Законите за јавно обвинителство, за кривична постапка и Законот за судови кои беа усвоени на вчерашната парламентарна седница. Овие закони овозможуваат зајакнување и унапредување на контролните механизми за заштита на слободите и правата на граѓаните. Овие реформи се дел од извештаите на групата на Прибе и на други меѓународни организации и се суштински придонес во европската агенда – рече Локвенец.

Тој додаде дека со усвојување на Законите за јавно обвинителство се заокружува процесот за воведување надворешен механизам за контрола на работата на полицијата. Во рамките на ОЈО се формира посебно одделение за истражување и гонење кривични дела сторени од овластени службени лица и припадници на затворската полиција.

– Со Законот за кривична постапка ги надминуваме недостатоците во областа на посебните истражни мерки, кои беа лоцирани во меѓународните извештаи, а посебно во извештаите на Рајнхарт Прибе. Измените во Законот за судови овозможуваат зајакнат независен надворешен контролен механизам за припадници на полицијата и затворската полиција. Специјализираното судско одделение надлежно за организираниот криминал и корупција ќе може да суди за кривични дела извршени од полициски службеник, како и овластени службени лица со полициски овластувања и други овластени лица – објасни тој.

Со овие исклучително важни реформски закони, како и со претходно изгласаните Закони за заштитени сведоци, за оперативно техничка агенција и за следење на комуникациите ќе се обезбеди сигурност за граѓаните без никаква можност за злоупотреба и загрозување на нивната приватност.

– Вчера сите пратеници покажаа одговорност којашто треба да се поздрави. Ги повикуваме и во наредниот период да се вклучат и да дадат свој придонес во процесите којшто обезбедуваат членство во НАТО и ЕУ – додаде Локвенец.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...