„Патриотите“ пред Собрание сакаат да бидат партија: Ако нѐ нема 21 на улица, нѐ бркаат

Со другите политички партии, како што се Глас за Македонија на Солза Грчева и Единствена Македонија на Јанко Бачев, соработуваат, но не се дел од нив. Демонстрантите кои блокираат пред Собрание имаат амбиција да формираат своја политичка партија, па и институционално да се борат за Македонија.

1647

Секој ден во попладневните часови во центарот на Скопје владее сообраќаен хаос. Причината за тоа се протестите пред Собранието на кои присуствуваат едвај дваесеттина луѓе, најголемиот дел пензионери. Организатор на протестите со блокади, според пријавата во МВР, од 22 октомври, е Движењето Македонска преродба.

Во Жена парк спроти законодавниот дом поставени се и камп-шатори кои се таму уште од времето на протестите „За заедничка Македонија“.

Утрово го посетивме кампот, клупите беа наредени во паркот, за разлика од попладневните часови кога демонстрантите ги вадат на улица. Во шаторите нѐ пречека Владимир Кавадарков, дипломиран правник во пензија. Тој спие речиси секоја вечер во шаторот, дежура од 22 часот навечер до 10 часот следниот ден, по што му доаѓа замена. Околу 16 часот попладне групата се зголемува, а кога ќе се соберат 21 излегуваат на улица и блокираат. Блокадите во МВР им се пријавени во период од четири часа, но некогаш, ни раскажа нашиот соговорник, полицијата им кажува и да се повлечат.

– Полицајци нѐ обезбедуваат секој ден, но и нѐ бројат, па кога нема 21 лице, колку што предвидува законот, ни викаат да се повлечеме од улица – вели Кавадарков.

Според најавите, хаосот во центарот на Скопје ќе продолжи и во наредните денови, бидејќи патриотите ќе останат таму додека не си заминела оваа, како што ја нарекуваат, режимска и марионетска власт во рацете на Западот.

Додека разговаравме со Кавадарков, во кампот имаше уште еден од поддржувачите. Излегол од работа за да дојде да помогне да ги извадат хартиените кутии на кои се залепени нивните барања и декларации. Ги намести транспарентите за 20-тина минути и си замина. Попат поминаа и неколку возрасни граѓани кои се поздравија со Кавадарков, еден од нив пропушти и метална паричка во кутијата која се наоѓа на масата каде разговаравме.

– Ова се донации за Македонија – ни одговори соговорникот покажувајќи кон кутијата на која едвај и да ѝ беше покриено дното со донираните пари, најмногу метални.

Тој ни објасни дека со тие пари се финансираат нивните секојдневни протести, секој патриот кој сака да помогне остава по некој денар.

– И гравчето кое го делевме на 30 септември вечерта, кога се одржуваше референдумот, сами си го плативме – рече Кавадарков.

Со другите политички партии, како што се Глас за Македонија на Солза Грчева и Единствена Македонија на Јанко Бачев, соработуваат, но тие не се дел од нив. Демонстрантите кои блокираат пред Собрание имаат амбиција да формираат своја политичка партија, па и институционално да се борат за Македонија. Затоа покрај тоа што протестираат, на штандот во Жена парк собираат и потписи. Потребни им се 1.000 изјави за да станат политичка партија, а колку собрале досега, Кавадарков не знаеше точно. Ако успеат во намерата, нивната политичка партија ќе се вика Движење на носителите и бранителите на државниот суверенитет „Македонска преродба“ – Скопје или скратено ДМП.

Покрај за политичка партија, тие собираат и потписи за Декларација која ќе ја поднесат во седиштето на Обединетите нации во Женева, но за тоа им се потребни 10.000 потписи. Во оваа декларација, вели Кавадарков, се испишани нивните црвени линии, како што се зачувување на уставното име, македонските јазик, идентитет и историја. Во декларацијата тие бараат и поништување на Договорот од Преспа бидејќи, според нив, правото на самоопределување на еден народ не е предмет на преговори со други народи. Бараат и властите да поднесат барање до Советот за човекови права на Обединетите нации дека државата своето членство во ОН го продолжува под уставното име итн.

Пред Обединетите нации, вели Кавадарков, требаше да се решава уште од времето на Киро Глигоров кој, како што смета нашиот соговорник, го сменил државното знаме од тоа на Вергина во денешното кое личи на вентилатор.

По разговорот го оставивме Кавадарков на штандот, каде очекуваше во секој момент да му дојде замената за дежурство. Вечерва од 22 часот повторно ќе дојде неговиот ред бидејќи ретко кој сака да се запише на списокот за дежурање. Пред и вечерва тој да остане сам во шаторот, тој и останатите патриоти околу четири часа, како и изминатите десеттина дена, ќе ја блокираат улицата пред Собранието и ќе направат нов хаос во градот. Своето демократско право на протест одново ќе го претворат во своеволен анархичен чин.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...