Од Клиниката за детски болести и фебрилни состојби во Скопје негираат дека неколку лекари си заминуваат од оваа установа, како што пренесоа некои медиуми.
– Никој од лекарите не најавил дека ќе замине, ниту доставил официјално барање дека ќе поднесе отказ поради заминување во странство или во друга здравствена установа во земјата. Oсвен една докторка од одделот хематоонкологија која веќе си замина да работи во странство, никој друг досега не најавил отказ. Секој може да преговара за промена на работното мерсто, ама досега нема најави за други заминувања на лекари од нашата установа – тврдат од Клиниката за детски болести.
Барање за отказ се поднесува најмалку еден месец порано.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава за Сител, рекол дека, по разговорите што ги имал со дел од специјалистите од детска клиника, е убеден дека ќе ги разубеди да останат во јавното здравство.
– Нема да напуштат, разговарав со нив, а до мене не стигнала информација за пет, јас зборев со две и начелно постигнавме договор дека ќе останат, а ние ќе направиме сѐ за унапредување на едукацијата – вели министерот Филипче.