Здружение Нефрон: Немаме докази за обвинение или истрага за доделување на концесиите за дијализа

279

Здружението Нефрон не беше вклучено во тендерската постапка за доделување на концесијата за центрите за дијализа, ниту пак како Здружение на граѓани имаме законски компетенции и можности да бидеме дел или да влијаеме на одлуката за доделување на концесиите за дијализа. За сите евентуални недоследности во текот на постапката кои се однесувале на огласувањето, евалуацијата, изборот и транспарентоноста на постапката поддржуваме надлежните институции да го кажат своето мислење, но не поседуваме никакви информации или докази со кои во минатото сме покренале или би покренале било какво обвинение или истражна постапка – велат од Здружението Нефрон во денешното известување до јавноста, а со кое, како што појаснуваат, сакаат да се оградат од поединечни изјави и дејствија на поединци, кои не се став на Здружението Нефрон и не ги коментираат.

Обраќањето до јавноста е во врска со отворениот предмет по допрен глас за доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно член 272 од Законот за кривична постапка, во кој се споменуваат реакциите на Здружението за бубрежно болни граѓани „Нефрон“ и одредени медиуми кои укажале на низа недоследности при спроведување на постапката по Огласот за доделување концесии на центрите за вршење дијализа.

„Здружението Нефрон во соработка со Министерството за здравство, ФЗОМ и сите други национални и локални чинители од оваа област, особено со трите приватни здравствени установи за дијализа ПЗУ Диамед Македонија, ПЗУ Систина Нефроплус и Специјалната болница за нефрологија и дијализа Диамед се залага и го поддржува енормното подобрување на условите за дијализа во изминатите 5 години и за истиот период Здружението нема позначајни забелешки за работата на центрите за дијализа“, појаснуваат од Нефрон. Оттаму велат дека има подобрување на услугите и условите и во јавно-здравствените установи за дијализа (Универзитетска Клиника за нефрологија, Заводот за нефрологија Струга и ГОБ „8. Септември“).

–Со воведување на концесионерството се залагаме за воведување на современи процедури во дејноста кои директно влијаат на квалитетот на дијализните третмани и со тоа на квалитетот на животот на пациентите. Набавена е нова опрема, подобрени се условите во центрите за дијализа, се набавуваат современи и квалитетни потрошни матерјали, обезбеден е превоз и храна за секој пациент,секој пациент е згрижен соодветено во најблискиот центар за дијализа според местото за живеење а за пациентите се грижи едуциран и стручен персонал – лекари, сестри,техничари и др. Во органите на управување на Здружението Нефрон не се расправало и не е излезен официјален став или постапка во врска со било какви сомнежи поврзано со постапката за доделување на концесиите, напротив отсекогаш сме нуделе соработка и сме имале можност да соработуваме со избраните концесионери и заеднички да допринесуваме во подобрување на квалитетот на услугите кои тие ги нудат, а пациентите на дијализа се корисници – нагласуваат од Нефрон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...