Се откажаа денешното и утрешното рочиште за настаните од 27 април лани бидејќи еден од обвинетите, Сашо Марковски, е хоспитализиран откако на вчерашното рочиште не се чувствуваше добро па беше испратен да му се направи дополнителен лекарски преглед.
Судијката Добрила Кацарска рече дека од болницата ги информирале дека снимки ќе му се прават и утре и најверојатно Марковски ќе биде пуштен од болница. Затоа следното рочиште го закажа за во петок на 2 ноември.
По рочиштата во понеделникот и вчера, и денеска во Кривичниот суд требаше ќе се гледаат видео снимки од случувањата на „крвавиот четврток“. Изминатите два дена во судница се пуштаа снимките од дел од безбедносните камери во Собранието. Обвинетите во случајот за насилствата од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.