Нема поинспиративно место за пишување книга, посебно автобиографска. Концентрацијата ти е на максимално ниво и посветена само на содржината во речениците нашкрабани со хемиско на бели листови од тетратки по коцки А4 формат, а напливот на метафори ти ја обезбедува тишината околу тебе.
Не ги слушаш шепотењета на децата и сопругата додека глумиш дека спиеш оптегнат на кожниот тросед вратен од напорна работа, а на ТВ екранот со најтивок тон се слуша распукнатиот баритон на Морган Фримен во документарец за настанокот на планетата Земја, на „Нешнел Географик“, ниту мирисот на свежината на воздухот во среќниот и топол дом, ниту ѕвецкањето на филџаните од кинескиот порцелан кои најавуваат дека кафето наскоро ќе биде готово, пред да ги отвориш очите, ниту ненадејното ѕвонење на домашниот телефон, ниту оноа на влезната врата на која ти дошле гости кои не можеш да ги вратиш, да ги одбиеш. Сите се на твоја страна. Никој не ти ја попречува фантазијата, никој не ти ја затвара меморијата. Сите настани ти се редат како слики од игран филм кој за прв пат почнуваш да го прикажуваш пред самиот себе, каде секој кадар ти е подготвен на „стоп“ позиција за да го опишеш, да го прераскажеш, па да продолжиш со следниот, па следниот до крајот кој ти е замислен…
А тоа што е најважно, тоа место ти обезбедува состојба во која не можеш да бидеш неискрен кон себе. Тоа место е создадено за сите тажни мисли и мрачни сеќавања, дури и да не сакаш, самото место има моќ постојано да ти ги репродуцира сопствените пропусти во животот, да ти ги реди грешките. Грешки, за кои, можеби многумина ти помогнале да ги реализираш, да ги оствариш, грешки со кои си повлекол со себе невини луѓе, грешки со кои си заглавил недолжни, со кои си усмртувал, грешки за кои, ќе признаеш дека се само твои пред да почнеш да ги редиш во тетратката.
Грешки, преку кои ќе ја раскажеш сопствената приказна, необвинувајќи никого за твојата сегашна позиција. Тоа што најтешко се стекнува и во таа средина за пишување книга, е искреноста. Таа доаѓа после неколкумесечно адаптирање и согледување на реалноста. Тогаш, во тој момент, пред да тропнеш на металната врата, погледни во високите ѕидови, заврти се наоколу, и од надзорниците побарај да ти донесат пенкала и тетратки. Не пред тоа, не после тоа. Ако успееш да го трансформираш својот талент од природната средина со кој си манипулирал со граѓаните, во искрена исповед пред себе, ниту казната ниту времетраењето проведоно таму ќе ти бидат болни и тешки. Ти тврдам, за човек што сака да пишува книга, нема подобро место од затворот. Од каде знам? Абе Никола…
Мислам дека се разбираме, а, Ниџо…? Ондак тенкју…