Пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски на излегување од Кривичен суд, на паузата од денешното судење за настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија, на новинарско прашање дали ќе гласаат за одземање на пратеничкиот имунитет на Никола Груевски во Собранието, рекоа дека не се запознаени, дека се на суд и не може да знаат што се случува во Собранието.
Арнаудов посочи дека и него му го зеле мандатот, па никој не рекол ништо, а спорно е и тоа што пратеникот Павле Богоевски што ја води собраниската Комисијата за именувања каде се разгледува одземањето имунитет, е инволвиран како сведок во овој судски процес.
– Треба да одиме во Собрание, па таму да кажеме што се случува. Ништо стварно не знам што се случува. И мене ми го одзедоа мандатот и никој ништо не ме праша . Човекот кој ја води седницата директно е инвовлиран во овој процес и е претседател на комисија. Сметаме дека Павле Богоевски е засегнат, бидејќи беше сведок на судењето, а претседаваше со таа комисија. Нема логика…Да го докажеме дека не е така тоа што сакаат да ни и го наметнат, па потоа ќе разговараме за другите работи, потенцира Арнаудов.
Прашан дали ќе се врати на судење по паузата, пратеникот Сашо Василевски, кратко рече „секако, па ова е суд”.
Претходно денешното рочиште продолжи со прегледување на видео снимки од безбедносните камери во Собранието. На една од снимките околу 21:20 часот се гледаат две женски н.н. лица во бели мантили како влегуваат во една од просториите од ходникот. Во меѓувреме се појавува и пратеникот Влатко Ѓорчев, како оди до крајот на ходникот, до пред холот Длаборез и потоа се враќа повторно низ ходникот кон прес салата. Цело време во ходникот има полиција и припадници на ЕБР.
За цело ова време во холот Длаборез се наоѓаат граѓаните кои претходно влегоа во Собранието, што можеше да се види на снимките од камерата спроти вратата од кабинетот на Трајко Вељановски во холот Длаборез, што беа пуштени на минатото рочиште.
Во 21.35 полицијата и припадници на ЕБР влегуваат во холот Длаборез.
Во 21.37 часот од една од просториите во ходникот неколку полициски службеници изнесуваат едно повредено лице и го носат во правец кон прес салата. По нив излегуваат и две женски лица со бели мантили. Подоцна во ходникот се појавува и обвинетиот Крсто Мукоски.
Се гледа Горан Ѓошевски, како оди прв и покажува нешто на групата луѓе позади него. Групата се движи од ходникот што води од холот Длаборез преку холот со фотељи кон прес салата. Обвинетиот Ѓошевски им покажува правец и на други лица по што се упатува кон холот Длаборез.
Обвинителката на снимката ги посочува Стефан Младеновски, Митре Митроповски, Никола Митревски со фантомка, Младен Додевски со фантомка на главата, Дејан Давидовски со црна фантомка на главата, како и дел од собраниското обезбедување и Н. Н. лица.