Дваесеттина луѓе со блокади пред Собрание и колапс на сообраќајот е состојбата од центарот на Скопје која последниот период секое попладне се пресликува. Вчера демонстрантите кои се против Договорот со Грција, името го бранеа и со поставување клупи на улиците, кои се земени од паркот „Жена“.
Нивно уставно право е, според членот 21 од Уставот на Република Македонија, да се собираат и да изразуваат јавен протест, а под јавен собир, како што предвидува Законот за јавни собири, се подразбира собирање на повеќе од 20 луѓе.
Од она што може да се види секој ден пред законодавниот дом, се чини дека едвај се постигнува „цензусот“ благодарение на кој неколку часа се блокира централното градско подрачје и целиот град колабира во шпицот кога граѓаните се враќаат од работа.
Од друга страна, пак, илјадници изреволтирани граѓани секојдневно реагираат за сообраќајниот колапс во центарот на градот, коментирајќи дека блокадите од десеттина-дваесет луѓе повеќе наликуваат на злоупотреба на правото на протест отколку на негово демократско искористување.
– Не може за неколку луѓе, да „плаќаме“ сите други. Секој ден се случува истото, автобусите го заобиколуваат строгиот центар на градот и на другите улици каде се пренасочуваат возилата владее хаос. Од работа до дома патувам 20-30 минути подолго – раскажува скопјанка која секој ден патува од Кисела Вода кон Карпош.
Затворањето на главната улица пред Собрание што оди кон „Рекорд“, секој ден почнува некаде по 16 часот и трае неколку часа. Организаторите на протестот во полициската станица не пријавиле до кога ќе ги организираат протестите.
– Во полициската станица „Центар“ од страна на здружението на граѓани „Граѓанска иницијатива за здраво, достоинствено и возвишено живеење Преродба“ доставена е пријава за одржување на јавен собир со блокади почнувајќи од 22.10.2018 година во времето од 16-20 часот и во истата наведено е дека блокадите ќе траат сѐ до исполнување на барањето од 18.09.2018 година кое е доставено до Собранието и до Владата – велат од МВР.
Дали тоа значи дека секој ден од 16 до 20 часот, по четири часа, ќе колабира главниот град поради едвај дваесетмина пензионери собрани од немајкаде? Дали има некој благонамерно да ги посоветува организаторите на овие „протести“ дека тие демонстрации се непродуктивни, неподдржани масовно и единствено нешто што постигнуваат е злоупотреба на возвишеното демократско право на граѓаните да протестираат.