Инспекторите пишале двојно повеќе казни за загадувачите

139

На денешната дваесетта седница на Советот на Град Скопје, советниците поставуваа прашања за работата на градоначалникот, градската администрација, јавните претпријатија, јавните институции и средните училишта кои се во ингеренција на Градот Скопје.

Дел од прашањата беа во врска со загадувањето на амбиенталниот воздух и активностите на градскиот инспекторат во насока на намалување на истото.

Градоначалникот Шилегов ги информира советниците за активностите на градскиот инспекторат во насока на намалување на загадувањето преку интензивираните контроли и дежурства, како и дека во изминатиов период се изречени двојно поголем број на казни во однос на истиот период лани.

– Сериозно ги интензивиравме активностите на инспекциските служби и во месец септември изречени се 132 мандатни казни при контрола и надзор на капацитети коишто работат со Б лиценци и се во наша надлежност, при контролите на градежни објекти, како и на лица кои несоодветно го третирале отпадот. Интензивните активности продолжија и овој месец, и досега во месец октомври изречени се 220 опомени и 137 мандатни казни – одговори градоначалникот Шилегов.

Инспекторите на Град Скопје, посочија тој, извршуваат и редовен инспекциски надзор на правни субјекти – инсталации кои подлежат на  Б-интегрирана еколошка дозвола. Согласно со извештаите правните субјекти редовно доставуваат резултати од мерења со кои се задолжени во самата дозвола, бучава, ПМО честици, испитување на вода во реципиент. Дополнително, инспекциските служби вршат интензивна контрола на градилиштата во Скопје.

– Во периодот на месец октомври на територија на Град Скопје е извршена засилена контрола на градилиштата во сите општини во Скопје. Во овој период извршени се контроли на повеќе од 50 локации каде што се вршат градежни активности, при што на изведувачите им се укажува да не се излегува од градилиштата  на улица со  камиони со  валкани тркала и непокриени со церади. Во периодот што следува ќе продолжат засилените контроли и доколку се констатира прекршување на законот, ќе следуваат соодветни казни за правните и за физичките лица – додаде Шилегов.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...