На Факултетот за музичка уметност не се знае ни кој пее ни кој плаќа

Расчистување на состојбата, тие очекуваат на седницата на Наставнонаучниот и уметнички совет закажана за утре.

2749

Синдикатот и група наставници на Факултетот за музички уметности при УКИМ обвинуваат дека в.д. деканот на факултетот Тодор Светиев и работната група што самиот, како што велат, незаконски ја формирал направиле хаос во работењето на Факултетот од што трпат вработените и студентите. Бараат институциите кои се веќе информирани за состојбата на оваа високо-образовна институција да преземат соодветни мерки и да ја расчистат состојбата.

Според нив, во период од два месеца колку што е на функција в.д. деканот направил целосен хаос во работењето на Факултетот. Наместо да организира избор на нов декан на Факултетот тој ја почнал и запрел постапката, а во меѓувреме со образложение дека Факултетот работи со загуба, отпуштил повеќе хонорарни соработници и неправилно им ја намалил основицата за плата на вработените.

– По неговото доаѓање во август в.д. деканот прво спротивно на Правилникот за внатрешните односи и работењето на Факултетот ги разреши сите пет раководители на катедрите. Спротивно на правилникот наместо Наставно-научниот совет, в.д. деканот формира работна група со непознати ингеренции. Притоа на членовите на оваа работна група им одредил месечен паушал спротивно на актите – вели претседателот на Синдикатот на Факултетот, Сони Петровски.

Незадоволните наставници, членови на Советот на Наставно-научниот и уметничкиот совет и синдикатот, како што појаснуваат во дописот до институциите, велат дека в.д. деканот ги пречекорил своите овластувања и со доделување задачи на „нелегалната“ работна група да подготви финансиска анализа и ревизија на работењето на Факултетот, за да ги дискредитира претходните раководства, членовите на деканатските управи и претседателот на Синдикалната организација на ФМУ-Скопје.

– Деновиве сме сведоци на присуство на двајца приватни ревизори испратени од страна на Ректоратот и покрај позитивните ревизорски извештаи спроведени токму од внатрешниот ревизор на УКИМ. Постојат индикации дека ревизорите се ангажирани врз основа на договори потпишани со УКИМ во нетранспарентна постапка што внесува огромен сомнеж за независноста на ревизиите – вели Петровски.

Од Синдикатот на Факултетот тврдат дека безуспешно четири пати писмено побарале да се свика вонредна седница на Наставно-научниот уметнички совет, но барањата иако се поддржани од една третина од членовите не биле прифатени од в.д. деканот.

Тие тврдат дека в.д. деканот баз донесена одлука и со измама ја ставил во мирување постапката за избор на декан на факултетот со образложение дека изборот ќе мирува до донесување на Статутот на УКИМ усогласен со новиот Закон за високо образование.

– Симптоматично е тоа што истовремено се спроведуваат постапки за избор на декани во други единици на универзитетот. Ваквата информација ги доведе во заблуда членовите на ННУС и евентуалните кандидати за декан. И покрај спроведување на постапката за избор на декан од страната на комисијата назначена од ННУС, в.д. деканот сѐ уште не закажува седница за избор на декан – велат тие.

Наставниците тврдат дека и покрај почетокот на учебната година на Факултетот нема истакнато распоред на работни задачи за наставниот кадар, а наставата се одвива стихијно и само со изразена желба на наставниците. За тоа, појаснуваат тие, одлука треба да донесе Наставно-научниот и уметничкиот совет на Факултетот, но таква нема.

Расчистување на состојбата, наставниците очекуваат на седницата на Наставно-научниот и уметнички совет закажана за утре.

Плусинфо за разјаснување на овие сериозни обвинувања, побара изјава и од в.д. деканот на Факултетот за музички уметности Тодор Светиев. Од секретарот ни беше речено дека моментално е на состанок, но ќе биде информиран. До сега немаме одговор од негова страна, но доколку во наредниот период тој писмено или усно сака да одговори на обвинувањата од колегите, Плусинфо ќе ја објави и неговата страна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...