Рангелова поднесе оставка: Не можам да бидам дел од раководството кое ја изолираше партијата

1792

Пратеничката Даниела Рангелова поднесе оставка на функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи како што објаснува, не може да биде дел од раководството кое ја донесе партијата до изолација.

„Јас не можам да прифатам да бидам дел од ова раководство на ВМРО кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање на кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза помеѓу македонците но и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ“, наведува Рангелова.

Во изјавата за МИА кажа дека и покрај несогласувањата со раководството на партијата, таа останува дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Рангелова е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник и поранешен член на Општина Центар. Таа е една од членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа да гласаат на референдумот на 30 септември, за разлика од најголем дел од раководството и членовите на оваа партија, кои го бојкотираа плебисцитарното изјаснување.

Во продолжение, интегрално ја пренесуваме нејзината објава:

„Почитувани членки на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ,

Најпрво сакам Вас да Ве информирам дека и покрај предлогот на претседателот Христијан Мицкоски да останам да ја водам Унијата на жени до крајот на мојот мандат кој што изминува за една година, јас сепак донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка на функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Оставката ја поднесувам поради очигледните несогласувања со политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Јас не можам да прифатам да бидам дел од ова раководство на ВМРО кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање на кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза помеѓу македонците но и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Не, јас не можам да прифатам да бидал дел од расипани, токсични игри водени од амбицијата да се нахранат неколку суети. Да имаш амбиција е позитивно, но да бидеш спремен да газиш преку живи луѓе само за да си го задоволиш сопственото его и желбата за моќ, за мене е неприфатливо.

Почитувани членки на Унијата на жени,

Моето срце и душа секогаш ќе остане со Вас, искрените и храбри членки на Унијата на жени, жени лидери со кои донесовме многу победи за партијата и со кои придонесувавме за подобро општество. Наметнавме позитивни стандарди во политиката, докажавме дека жените можат да водат и креираат политики. Заедно ја издигнавме Унијата на жени многу високо. Ние жените сме докажале многу пати дека сме храбри и посветени, дека знаеме да се бориме и избориме. Ќе успееме и сега! И ова ќе помине..

Да живее ВМРО-ДПМНЕ!

Да живее Македонија!“, пишува Рангелова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...