Девојче силувано од петмина, тројца во притвор

2245
На три лица осомничени за полов напад врз дете им е определена мерка притвор од 30 дена од страна на судија од Основниот суд Гостивар и тоа на претходна постапка.

Обвинителството во постапката има основани сомненија дека во вршењето на ова кривично дело учествувале осомничените, но и други лица за кои во моментов се преземаат дејствија за нивно пронаоѓање и идентификација. Детето е на возраст од 13 години, а во повеќе наврати било злоупотребувано од страна на возрасни лица.

По барање на јавен обвинител кој уште претходно поведе постапка, на овие тројца првично им бил одреден краткотраен притвор од 48 часа. Во Основното јавно обвинителство Гостивар е поведена постапка против три лица за кои постои сомнение дека во повеќе наврати извршиле кривично дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

– До овој момент е утврден идентитетот на петмината сторители, од кои тројца се лишени од слобода, а за двајца е распишан распис за нивно пронаоѓање. Надлежниот  јавен обвинител издаде наредби и насоки за натамошно утврдување на меѓусебната поврзаност помеѓу инволвираните осомничени. Според првичните информации, постои веројатност во предметот да бидат опфатени и други лица – наведуваат од Јавното обвинителство.

Детето, по наредба на обвинителството, е згрижено од страна на Центарот за социјални работи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...