Како што најавивме, ВМРО-ДПМНЕ достави до Собранието Предлог на закон за амнестија којшто е смислен со однапред направена калкулација дека ќе биде неприфатлив за кој било пресметлив граѓанин со завршено четврто одделение правна држава. Или, што би им рекол (господинот) Мијалков, го составиле „лажно-патриотски“, ем да кажат дека го доставиле, ем да знаат дека нема да им помине.
А причината за тоа е едноставна: во она што е останато од опозицијата во моментов не може да се најдат тројца кои би се согласиле околу тоа кој-кого поддржува и за што, а барем двајца од нив да не играат на штета на првиот. Таму ВНАТРЕШНО – а не, па, со СДСМ! – не би можеле да се помират во догледно време, па макар за олеснувачи во тој процес да ги ангажираат Папата Франциско во чиносодејство со покојниот Васеленски Патријарх Атинагора.
Во таква атмосфера, замислете навистина да им помине проектот за амнестија? Ма, не им е ним проблемот со некаков Дурловски, тој во политиката и така неславно го отпеа своето… Туку, што ќе прават со тврдокорно-криминалната екипа која беше капарисана за изведување на државниот удар пролетта 2017? Тогаш државниот не им успеа, ама партискиот денес со дајре би го спровеле. Претставете си ја само сцената: они на влез во „белиот дворец“ на ВМРО-ДПМНЕ, а некаква фуфла со вештачки усни на рецепцијата на партиската централа им вели: „Добар ден, се извинувам, но немате уредно закажано со претседателот Мицкоски, нема да може денеска да ве прими“… Дури тогаш некој има да го „прими“, до балчак.
Така што, амнестија нема да има. Ќе има некакво „помирување“, под наводници, но без учество на ова што остана од официјалната опозиција. Затоа и тоа помирување ќе биде фејк, лажњак, нешто што некому, можеби, ќе му заврши некаква работа во дадениов момент, на протрчување… А можеби и не. И толку.
Па, сепак, темата за простувањето се отвори, добро се „растресе“, малку на брзина и апансас, колку да се види дека македонското општество сè уште не е подготвено, не е ни зрело за таков крупен општествен проект. Можеби пропаѓањето на оваа идеја се должи на застарениот, театрален, „минатовековен“ начин на кој се очекува тоа помирување да се случи, како во некоја патетична, битова драма?
Во современиве политички услови, и при постоење на широк општествен консензус за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО, вистинското, а неименувано помирување, требаше да биде токму тој чин, на крај од еден долг и мачен процес, на евро-атлантска интеграција на земјава. Тоа требаше да биде сума-сумарумот, политичката делта на една голема и разгранета историска река при влевањето во „морето“ на „вековната борба“ на Македонците (и на Албанците и на другите) на овие простори за државна и политичка афирмација и вон своите дребни, ситничави, „сметководителски“ расправии за пропаднатите востанија, за меѓупартиските и меѓуетничките судири и бескрајниот низ на предавства, пљачкосувања на касата и лажните митови за големите успеси на нацијата кои никако да бидат регистрирани од светот посеверно од Табановци.
Но, и таа шанса, еве, се пропушти. Нема огномет за заедничка, „простителна“ евро-атлантска прослава, туку нова кавга за условите и начините на кои го изведуваме нашето (евентуално) влегување во друштвото на поцивилизираните народи и држави. Како самите да инсистираме на тоа дека местото не ни е таму? Што чудо од народ ќе бевме…
Извор: Цивил медиа