Во врска со објавите во дел од медиумите за денешното рочиште во судскиот процес против 12 лица за Несовесно работење во службата во случајот со лекувањето на Тамара Димовска, а во кои се наведува ставот на одбраната дека рочиштето се одлага по вина на обвинителството, јавното обвинителство ја информира јавноста дека единствена причина за одлагањето е ненамерен технички пропуст од страна на овластениот преведувач на дел од документите, соопшти Обвинителството.
– Преведувачот на дел од документите ставил печат на овластен преведувач од српски, наместо од хрватски јазик. Треба да се нагласи дека се работи за лице кое е овластено за превод од двата јазици. Во интерес на ефикасност на постапката, надлежниот јавен обвинител понуди уште на самото рочиште да достави решение за овластувањето на преведувачот да преведува и од хрватски јазик, но сепак расправата беше одложена. Јавното обвинителство нагласува дека се залага за ефикасно и ефективно спроведување на оваа постапка без одложување, стои во соопштението.