Опасно ме погоди веста дека очекуваниот животен век на просечниот граѓанин на Македонија е само 75,4 години, 5,6 години пократок од оној на жителите на ЕУ, кои во просек живеат по 81 година. Ова го покажува едно истражување на Еуростат. Најдолг животен век во Европа се очекува да имаат Швајцарците (83,7 години) и Шпанците (83,5), Италијанците (83,4) и Французите (82,7). И Грците, мајчините, ќе живеат во просек по 81,5 година.
Ако е така, си есапам, до крајот на просекот ми преостануваат уште осум години работа до пензија (ако остане за пензии), уште еден половен автомобил можеби, четири варосувања на станот и за среќа, се надевам, многу, ама баш многу афтер ворк секирање за иднината на Македонија, за ЕУ и НАТО…
Можеби и во тоа измачување има некоја чудна „еротика“. Како во оној стар виц – не пиеш, не пушиш, не бркаш сојки, чуму ти е тогаш да живееш осумдесет и кусур години? Има ли смисла да се живее долго и здодевно како Швајцарец, во една прецизна, уредена и стерилно чиста земја, во која се знае кој пие и кој плаќа и во која референдуми се одржуваат само за да се одлучи дали треба да се изгради некој тунел или мост?
Сепак, изгледа дека така размислуваме само затоа што не сме пробале како е да се живее во една таква среќна и здодевна земја. Се разбира, луѓето умираат и во таквите земји. И таму има убиства и криминал. И таму има политичка корупција. Но, она што го прави животот полесен, поудобен и многу посреќен (а со тоа и животниот век – подолг), е извесноста.
А јас и не паметам кога последен пат ние сме живееле во состојба на извесност. Можеби кога бевме деца. Од тоа време до денес, ние овде живееме во тотална неизвесност. Дали ќе ни ја биде државата или не. Дали нас ќе нѐ биде или не. Дали може да се случи утре да останеме без покрив над главата и без парче леб. Дали ќе мора да се иселиме, доброволно и принудно. Ова е земја од која сигурно не се иселуваат само нотари и извршители. Сите други се со половина нога надвор од своите несигурни животи.
Може ли човек да се обиде да живее поинаку?
На Фејсбук прочитав интересен статус од еден мој пријател: „Ич не ме интересира е половина здравје“. Може ли таа формула да се примени во секојдневниот живот? Веројатно може, бидејќи познавам многу луѓе кои како ништо да не ги интересира. Ништо надвор од сопствените лични интереси и од личниот хедонизам, ништо подалеку од сопствениот двор.
За жал, луѓето од мојата генерација, од неколку генерации пред мојата и неколку после неа, сме очајно лошо „форматирани“. Нас нѐ воспитуваа дека ние мора да ја градиме пругата, за таа да нѐ гради нас. Надвор од таа наша судбинска пруга, всушност, ние како и да не постоиме. Барем не како свесни и одговорни суштества. Така учевме и некои од нас, безбели најбудалите, така и се научија.
Има за тоа еден друг стар виц, кој веројатно веќе сум сум го раскажал – оној за скромната и работлива мравка, која штурецот постојано ја облетува со покани за разни забави и патувања, а таа, според добро познатиот наратив, го одбива, зашто мора да работи за да ја обезбеди иднината и при тоа злобно се надева дека кога ќе дојде зимата, штурецот ќе смрзне и кај неа ќе побара засолниште и храна. И кога ќе дојде таа лута зима, а штурецот ќе дојде да ја повика да одат заедно на скијање во Валдизер, во хотел од пет ѕвездички, ол инклузив плус ски пас, мравката низ заби горко ќе процеди: „Не, благодарам, ама ако го видиш оној глупак Лафонтен, кажи му нека иде у мајчина му!“
Тоа е тоа. И затоа 75,4 години за еден таков живот и не изгледа баш трагично, зарем не?