Со голема хуманитарна акција Општина Карпош ја започна неделата на поголеми активности за одбележување на роденденот на локалната самоуправа-3 Ноември.
По тој повод, своја донација врачи и Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, кој ги повика и другите хумани граѓани и општествено одговорни компании да се вклучат во акцијата.
– Граѓаните во изминатите денови имаа можност да донираат производи, облека и средства за хигиена во 14-те урбании месни заедници, како и во самата Општина, а во донаторската акција, се вклучија и вработените во општинската администрација.
Денеска, со помош на Црвениот крст, Општинска организација – Карпош, која ни помогна да ја спроведеме акцијата, собравме поголема количина на донирани средства. Кон акцијата, како општествено одговорна компанија, ни се приклучија и маркетите „Тинекс“ со поголем придонес со повеќе пакети производи- изјави градоначалникот на Карпош Богоев.
Во наредните денови, најави тој, Одделението за детска и социјална заштита ќе ги комплетира хуманитарните пакети кои натаму ќе им бидат врачени на оние на кои им се најнеопходни, социјално најзагрозените граѓани, а дел од донациите ќе бидат доделени и на СОС Детското село во Бардовци, стационарот за бездомни лица во Момин Поток и Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани.
– Оваа година, за разлика од останатите, решивме Денот на општината да го прославиме сосема поинаку, со работа, посветеност и преку конкретни акции, се разбира, со поддршка и вклучување на сите граѓани и општествено одговорни компании и организации и со тоа да ја одбележиме 42 годишнината од постоењето на Карпош – изјави градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев