Собранието на Република Македонија активно учествува во одбележувањето на 75-годишнината од депортацијата на 98 проценти од еврејската популација во тогашна Македонија во логорот на смртта Треблинка, осудувајќи го холокаустот како и сите форми на геноцид и кршење на човековите права, како што се антисемитизмот, дискриминацијата, говорот на омраза, ксенофобијата, расизмот.
Ова го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери на 37.седница по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Република Македонија во логорот на смртта Треблинка.
– Преку усвојувањето на Декларацијата по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка испраќаме гласна порака дека холокаустот или кој било друг геноцид никогаш не смее да се повторат, посочи Џафери.
Додаде дека Собранието на Република Македонија на 35. седница што се одржа на 5 март со поддршка на сите пратеници од сите политички партии претставени во Собранието, усвои Декларација по повод 75 години од депортацијата на Евреите во логорот на смртта Треблинка.
Декларацијата на денешната седница ја прочита пратеникот од СДСМ Томислав Тунтев.
– Собранието ја посветува оваа Декларација на комеморативна седница на Евреите од Македонија, жртви на холокаустот и ја усвои по повод 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот Треблинка, ја истакнува трајната определба на нашата држава да не бидат никогаш заборавени 7.144 Евреи од Македонија, како и сите останати Евреи и други жртви на холокаустот, посебно ја нагласува исклучителната улога и работа на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, апелира во сите активности и проекти кои се однесуваат на теми поврзани со холокаустот фокусот да биде ставен на младите генерации и нивно вклучување во нив, рече Тунтев.
Потенцира дека Декларацијата ќе биде доставена до Кнесетот на државата Израел, Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, Европскиот парламент, Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот, Светскиот еврејски конгрес и други релевантни меѓународни организации, и ќе се објави во Службен весник на Република Македонија.
На седницата се обрати и заменик-министерот за одбрана Рабин Елиаху Михаел Бен – Дахан, кој рече дека Израел и Македонија имаат слична историја и судбина. Тој ги потсети присутните на храбрата одлука на наши сограѓани кои со свои постапки во текот на Втората светска војна спасиле од сигурна смрт свои соседи Евреи.
– Македонија на денешен ден се сеќава на своето еврејско минато и заклучи дека Израел се залага и помага на Македонија, но и на сите мередијани каде има потреба од помош. Соработката меѓу двете земји е во пораст, но постојат области во кои може таа да се унапреди, додаде Рабин Елиаху Михаел Бен – Дахан.
На присутните им се обрати и заменик-претседателот на романската Влада, Ана Бирчал, која истакна дека Романија ги почитува општествените вредности кои се грижат за негување на споменот за холокаустот и се борат против антисемитизмот, расизмот и омразата.
– Наследството што ќе го пренесеме на своите идни генерации е мир, љубов, толеранција и почитување на човековото достоинство, додаде Бирчал.
На седницата присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри, лидерите на верските заедници, шефовите на странските дипломатско конзуларни мисии акредитирани во Република Македонија, делегација од БиХ, предводена од претседавачот на Советот на министри, Денис Звиздиќ, делегации од Израел, Романија, Полска, САД, меѓународни еврејски институции… На денешната седница присуствуваа и пратениците од опозицијата.