Од двете страни на автопатот Скопје-Куманово ве „поздравуваат“ разно-разни отпадоци. Најмногу се веат кеси и разни хартии, се тркалаат пластични шишиња и конзерви, а не помалку се и кесите што висат по дрвјата…
Околу првата патарина, пак, има најмогу ѓубре. Прашањето е зошто Јавното претпријатие за државни патишта што управува со патарините и ја одржува хигиената на патарините не ги собира и отпадоците расфрлани во непосредна близина на патарината, туку остава грдата слика за земјава да ја видат и странските патници кои поминуваат оттука?!
Од Македонија пат ја отфрлаат обврската дека треба да ги чистат деловите долж и помеѓу автопатите, туку велат дека само ги кастрат гранките за да овозможат прегледност во сообраќајот. А тоа што гранките се „украсени“ со кеси во разни бои – не е нивен проблем!
Фрлени отпадоци има и долж патот од Куманово кон граничниот премин Деве Баир. За разлика од тоа, веднаш кога ќе ја преминете македонско-бугарската граница ќе воочите огромна разлика. И малите погранични места во Бугарија како Ќустендил, на пример, се видливо чисти.